Тој нагласи дека неговата влада ќе се потпира на конструктивната опозиција – на нејзиното искуство, на критиките и алтернативните предлози

Им благодарам на бугарските граѓани кои со својот глас ставија крај на политичката криза. Со овие зборови, кандидатот за премиер на Бугарија, Румен Радев, го започна својот говор пред пратениците каде што ги изнесе приоритетите на идната влада и го претстави составот на кабинетот пред Народното собрание, објави БГНЕС.
„Масовното гласање на овие избори му го врати многу потребниот легитимитет на најважното политичко тело – Народното собрание, и отвори можност за негово брзо и ефикасно работење“,
истакна тој.
Радев истакна дека првпат по повеќе години, претседател на Народното собрание е избран брзо и без вообичаените скандали.
„Бугарските граѓани очекуваат овој конструктивен дух да се одржи и во иднина, тие очекуваат парламентот да произведува закони и одлуки, а не скандали“,
рече тој.
Тој во обраќањето вели дека немаат илузии за кризите и искушенијата што се надвиснуваат над владата – високи цени, пропуштени реформи, буџет, тешка глобална економска и енергетска криза и ескалација на конфликтите.
„Заедно со Народното собрание сме пред решавање на итни задачи – усвојување буџет, заштеда на плаќања, избор на нов Врховен судски совет и неговиот инспекторат. Во оваа заедничка активност ќе се водиме од принципите загарантирани во Уставот, поделбата на властите и владеењето на правото“,
рече Радев.
Тој нагласи дека неговата влада ќе се потпира на конструктивната опозиција – на нејзиното искуство, на критиките и алтернативните предлози.
Најави дека в понеделник ќе поднесат предлози за закони за високите цени и за измени во Законот за судство.
Пред да влезе во Народното собрание, Радев во изјава за медиумите рече дека предложените министри се професионалци, луѓе со докажани квалитети, луѓе кои ќе ја завршат работата.
„Нема лесен избор бидејќи задачите пред оваа влада се многубројни и исклучително тешки. Мислам дека направивме добар избор, но дали е така, ќе покажат резултатите. Ќе ги чуете моите приоритети од собраниската говорница, каде што ќе го одржам мојот говор за составот на владата“,
изјави Радев.
Народното собрание на Бугарија денеска се очекува да гласа за предлог-составот на новата влада на Румен Радев откако вчера бугарската в.д. претседателка Илијана Јотова му го предаде мандатот на лидерот на новоформираната партија Прогресивна Бугарија која победи на неодамнешните избори во земјата.
Мандатарот за состав на нова влада предлага кабинет од четири вицепремиери и 18 министри. Три од постојните министерства – за економија, иновации и електронско управување – треба да се реструктуираат во две.
