Во текот на изминатите 24 часа власта режираше провокации, што дадоа повод за насилство врз новинарите и граѓаните. Настрадаа десетици лица, како меѓу граѓаните, така и меѓу припадниците на органите на редот, изјави вечерва бугарскиот претседател Румен Радев во посебното обраќање по синоќешните протести во главниот град.
„Пред очите на Бугарите се тргува со парламентарната поддршка за идниот Устав – се раздаваат пари и концесии. Со силата на парите и под закрила на полициските штитови се спроведува криминално насилство. Парламентарците од владиното мнозинство, кои не смеат да им погледнат во очи на своите избирачи, изгласаа 60-годишни концесии во Законот за подземните богатства“,
изјави Радев, пренесе БГНЕС.
Бугарскиот претседател додаде дека илјадниците бугарски граѓани кои протестираат денес ги сведоа на криминален контингент, со што власта ја покажа својата суштина.
„Активностите на владејачкото мнозинство ја продлабочуваат кризата. Ги повикувам и демонстрантите и органите на прогонот да останат смирени и да не дозволат да бидат вовлечени во сценарио за опстанок на компромитираната корумпирана влада. Протестот е единствената законска алатка против киднапираната демократија. Итната и безусловна оставка на владиниот кабинет е единствениот излез од кризата“,
подвлече претседателот Радев.
Најмалку 120 демонстранти беа приведени, а околу 100 полицајци се повредени, од кои 15 се хоспитализирани во антивладините протести во Софија кои синоќа ескалираа.
Веќе 56 дена траат антивладините протести во Софија и во неколку поголеми градови во Бугарија. Демонстрантите бараат оставка од премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, како и оставка на Владата и на државниот обвинител Иван Гешев, откако Гешев нареди претрес на кабинетот на претседателот и апсење на двајца соработници на Радев.
Во меѓувреме, премиерот Борисов ја реконструира владата, беа сменети неколку министри, но демонстрантите остануваат на барањата за оставка од целата влада.
Борисов минатата недела во вонредно обраќање до нацијата најави дека неговата парија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) ќе побара итна седница на Големото народно собрание (државен орган што ја извршува законодавната власт), на која би бил донесен нов устав и би биле распишани нови парламентарни избори, јави БГНЕС.
Веднаш по нивното распишување најави дека ќе поднесе оставка од премиерското место.