Генералниот известувач на Парламентарното Собрание на Советот на Европа за слободата на медиумите и заштитата на новинарите, социјалистот од Австрија, Стефан Шенах, изрази загриженост за ограничувањата на слобода на медиумите во контекст на пандемијата со ковид-19, јави дописникот на МИА.
Во услови кога светот е „парализиран“ посочува дека исклучително важна е улогата на медиумите, кои треба да пренесат брза и точна информација, но и да известуваат без ограничување на критичкото размислување.
„Потребна ни е експертиза, професионализам и критичко размислување на новинарите способни да ја поттикнат јавната расправа при борбата против лажните вести, дезинформациите и манипулациите со мислењата и со тоа да помогнеме да ги водиме луѓето кон одговорно однесување. Во контекст на денешната криза, од клучно значење е слободата на медиумите и безбедноста на новинарите“,
вели Шенах.
Тој посочува дека во голем дел од европските земји „владите се обидуваат да го обликуваат медиумското покривање на здравствената криза“.
„ Под изговор дека сакаат да избегнат лажни информации што можат да бидат штетни за јавниот ред, тие ја спречуваат транспарентноста и ги замолчуваат критичарите. Прашањата кои сметаат или барањето за оправдувања понекогаш доведуваат до казни, полициски истраги и протерување на странски дописници“,
рече Шенах.
Според него уште полошо е што во некои земји пандемијата служи како изговор за владите да донесат законски одредби што можат да имаат негативно влијание врз слободата на медиумите, дури и по кризата.
„Вакви промени во правната рамка се направени во Унгарија, Турција, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Романија, Ерменија и Русија. Последиците од ваквиот пристап би можеле да бидат сериозни за слободата на печатот“,
додава генералниот известувач на ПССЕ.