Утврдена е потреба да се дозволи, освен лекарите од јавното, и тие од приватното здравство да можат да препишуваат препарати од канабис и да се дозволи пациент кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да го одгледува
Во Владата, денеска, се одржа првиот состанок на Работна група за подготовка на измени и дополнувања на законодавството за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки на канабисот, соопштија од владината прес-служба.
На состанокот биле презентирани и потврдени опсегот, мандатот, составот, начинот на работа, како и целите, начелата и основните идеи поврзани со регулацијата на производство и искористувањето на медицинските, социјалните и економските придобивки од билката канабис.
На состанокот, како што се наведува, се поздравени храброста, иницијативата и посветеноста на граѓанскиот сектор, на институциите и на бизнис секторот за подготовка на предлог измени и дополнувања на законските решенија со цел да се обезбеди депенализација и декриминализација на употребата на канабисот за лични потреби, како и да се отвори сеопфатна содржинска дискусија за можностите за легализација. Во македонски контекст, се посочува, овие измени и дополнувања опфаќаат интервенции согласно со меѓународните пракси и тоа во Кривичниот законик, Законот за прекршоци, Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции и Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
На состанокот е утврдена потребата да се дозволи, освен лекарите од јавното, и лекарите од приватното здравство да можат да препишуваат препарати од канабис и да се дозволи можност пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да одгледува и користи канабис во форма која согласно неговата здравствена состојба најмногу му одговара. Исто така, беше постигната согласност за потребата да се прошири листата на специјалистичките гранки во кои канабисот може да се препорачува како лек, прашање кое треба да се регулира со прописи од областа на лековите.
Работната група ќе преземе и иницијативи за информирање и едукација на широката јавност за сите аспекти од употребата на билката канабис, како и да обезбеди целосно инклузивен процес на консултација со сите засегнати и заинтересирани страни.
На состанокот учествуваа претставници од министерствата за здравство, за правда и за внатрешни работи, од кабинетот на премиерот, здруженијата на токсиколози, на педијатри, на онколози, претставници на повеќе граѓански организации, како и на Здружението на производители на медицински канабис и од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ…