Министерот за здравство, Венко Филипче, во вечерашната дебата на „360 степени“ на тема декриминализација на канабисот рече дека економскиот бенефит што би го добила државата од извозот на цвет од канабис, како и средствата од даноците кои ќе се плаќаат ќе бидат наменети и за програмите на Министерството за здравство и за пациентите со ретките болести.
На забелешка од невладините претставниците дека не треба да се гледа само економскиот бенефит, туку и правата на пациентите, Филипче, вели дека бенефит ќе имаат и тоа со неколку чекори кои ги предвидуваат.
„Во делот на економскиот бенефит, директно ќе го осетат нашите пациенти. Таа програма на Владата преку која ќе се регулира како ќе се користат средствата од даноците ќе биде наменета, меѓудругото и на програмите во Министерството за здравство. Така почнавме, да ги зголемиме програмите во делот на ретките болести, а за тоа имаме согласност и поддршка од здруженијата на пациенти со ретки болести. Понатаму, размислуваме во делот на проширување на дијагнозите, како проширување на лекари специјалисти оди во прилог на тоа дека еден од приоритетите е интересот на пациентите, имајќи го предвид и сегашниот интерес на сегашните специјализанти кои имаат лиценца да ги даваат овие два рецепти за медицински канабис“,
вели Филипче.
Додава дека важно е да се слушнат потребите на главните чинители, но преку отворени дискусии и дебати ќе се дојде до заеднички решенија.
Тој вели дека, во овој процес, освен Министерството за здравство, важни улоги ќе имаат и Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи. Особено, во делот што граѓанските организации го бараат за дозвола на одгледување на неколку стебла канабис за лична употреба, ќе бидат потребни измени и во други закони, а не само во Законот за опојни дроги.