Според денешната статистика на Институтот за јавно здравје, во Општина Ресен е регистриран првиот случај на ковид-19. Ресен досега беше една од ретките општини каде што немаше позитивни на новиот коронавирус.
Градоначалникот Живко Гошаревски вели дека во теков на денешниов ден на терен се присутни тимови од Центарот за јавно здравје, кои спроведуваат епидемиолошко истражување за сите што биле во контакт со лицето, за кое резултатот е позитивен.
„Повикав итна седница на кризен штаб, за која дополнително ќе бидете известени за сите мерки и активности. Место за паника нема. Препораките остануваат исти, мерките остануваат исти. Одржување на дистанца, носење заштитни маски, редовна хигиена, само на ваков начин ќе го победиме овој невидлив непријател. И општина Ресен, и јас како градоначалник, но и вие како одговорни граѓани, мора сите заеднички да дадеме се од себе за што побрзо исчезнување на невидливиот непријател од нашата општина“,
вели Гошаревски.