Во меѓувреме, е отстранет и безбедносниот код, така што барањето се потврдува единствено со притискање на опцијата „испрати“
Профункционира сајтот за вакцинација против ковид-19 vakcinacija.mk, што денеска го пушти во употреба Министерството за здравство.
Проблемите што се појавија првично, веднаш по пуштањето на страницата во употреба, вечерва се надминати и граѓаните веќе може да се пријавуваат за вакцинација. Во меѓувреме е отстранет и безбедносниот код, така што барањето се потврдува единствено со притискање на опцијата „испрати“.
Обидот на новинар на „360 степени“ да аплицира за примање вакцина на еден од пунктовите во Скопје се покажа успешен. Меѓутоа, она што може да се наметне како слабост е што засега нема ограничување за тоа колку пати едно лице може да испрати апликација со која ќе покаже интерес за вакцинирање и за колку пункта.

Граѓаните што ќе аплицираат за вакцинирање, освен генералиите, како име, презиме и матичен број и информации за контакт, треба да изберат и пункт за вакцинирање.
Пунктот за вакцинација се избира од постоечката листа. На списокот има вкупно 36 пункта, во најголем дел здравствени домови и општи болници. Само во Скопје има опција да се бира меѓу три пункта и тоа во поликлиниките „Јане Сандански“, „Чаир“ и „Букурешт, иако првично имаше најави дека во главниот град ќе се вакцинира во сите поликлиники.
„Со пополнувањето на апликацијата, се регистрирате директно во националниот систем ‘Мој термин’. Сите апликации што ќе пристигнат ќе бидат внесени во оваа база, со што ќе се ажурира податокот што за секој пациент го гледа матичниот лекар. Нема потреба пациентите дополнително да го бараат или информираат својот матичен лекар дека се регистрирале да примат вакцина,
информира Министерството за здравство.
Од МЗ додаваат дека, согласно со распоредот предвиден во планот за вакцинација, матичниот лекар ќе ги повика и ќе ги информира пациентите за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот што ќе го изберат при регистрацијата.
„Вакцинирањето е доброволно и се спроведува согласно со стратегијата за вакцинација на Северна Македонија. Единствениот начин за да го победиме вирусот е со вакцинација против ковид-19. Вакцините се развиени на безбедни и проверени платформи на кои што досега се развиваа и сите други вакцини“,
велат од МЗ.
Се очекува утре во земјава да стигнат првите вакцини против ковид-19. Вакцините на „Фајзер“, што земјава ги купува од Србија, треба да пристигнат на граничниот премин „Табановце“, каде што премиерот Зоран Заев ќе ја пречека делегацијата предвоена од претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Во понеделникот, пак, министерот за здравство Венко Филипче го потпиша договорот за набавка на од кинескиот производител „Синофарм“. По овој основ, до крајот на овој месец се очекува да пристигнат 200 илјади вакцини против ковид-19.