Вечерва работното време на угостителските објекти на подрачјето на Град Скопје се продолжува за два часа, превозот со автобусите на ЈСП „Скопје“ ќе биде бесплатен од 18 часот до 5 часот утре наутро, а бесплатен ќе биде и влезот во Зоолошката градина

Концерти, изложби, перформанси, настапи на диџеи, како и програма за најмладите ќе има денеска на повеќе локации во Скопје, во рамки на манифестацијата „Бела ноќ 2026“, која нуди богата културна програма.
Организатори се ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје, според кои манифестацијата и годинава ќе ги поврзе градските плоштади, улици, музеи и галерии во заедничка ноќ на културата.
Вечерва работното време на угостителските објекти на подрачјето на Град Скопје се продолжува за два часа, превозот со автобусите на ЈСП „Скопје“ ќе биде бесплатен од 18 часот до 5 часот утре наутро, а бесплатен ќе биде и влезот во Зоолошката градина.
Програмата на плоштадот „Мајка Тереза“ (платото пред МОБ) почнува во 18 часот со настап на детскиот фестивал „Поточиња“, а во 18:45 часот следува интерактивниот театар за деца „Театар за тебе“. Од 19:30 часот ќе настапи диџеј Боно, а во 20:30 часот „Допамин бенд“. Во 22 часот на сцената ќе бидат Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“, додека од полноќ музичката програма продолжува со диџеите Тами и Тошев.
Кај фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк ќе има електронската музика. Програмата почнува во 20:30 часот со Флодер и Васо, продолжува во 22 часот со диџеј Веки-Флуере, а од полноќ настапува Инвиктоз-Семпре.
На платото пред Музејот на современата уметност, од 20 часот, ќе се одржи „In between 04“, со берлинскиот диџеј Ају, а тука е бидат и диџеите Пенева, Стефан Странге, Боле и Лука.
На „Боемска улица“ ќе се одржи „Боемска бела ноќ“ на која ќе настапи младиот Владмир Поповски со бенд и диџеј Тоше Вељанов.
Покрај концертните и диџејските настапи, „Бела ноќ“ ќе понуди и средби со современата ликовна и мултимедијална уметност. Во Домот на градежниците ќе бидат претставени самостојната изложба на Марија Рашковиќ и групната изложба „Вортекс“. Во Чифте амам публиката ќе може да ја посети изложбата „Пресек“ на Ирена Паскали, а во „Мала станица“ мултимедијалната изложба „Меѓу светови“ на Воскресија Андреевска.
Дел од содржините на манифестацијата ќе почнат уште во текот на денот. Во Детскиот културен центар „Карпош“, ќе има изложба на детски ликовни творби. Во Паркот на поезијата при Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи креативната работилница „Нацртај песна“, а во 19 часот ќе има изложбата „Види ја поезијата“, поврзувајќи ги литературата, имагинацијата и визуелното изразување.
Археолошкиот музеј ќе ги пречека посетителите со бесплатен влез и содржината „35 предмети, 35 приказни“, отворајќи простор за откривање на културното наследство и приказните што ги чуваат музејските предмети.
Локации на „Бела ноќ 2026“ се и Младинскиот културен центар, Мостот на уметноста, Старата скопска чаршија, Музејот на град Скопје, „Аудиокултура“ и улица „Македонија“.
