Во рамките на четвртиот пакет економски мерки предвидено е да се помогне и на секоторот во кој работат ноќните клубови и дискотеките.
Мерката ќе предвидува продолжување на лиценците за овие субјекти без никаков надоместок. Истата мерка ќе важи и за компаниите од трнаспортната заедница.
„Согласно регистрацијата за работа, на околу 120 дискотеки и ноќни клубови, како и на околу 7 илјади транспортери, ќе им се продолжи лиценцата за работа и во 2021 година со 0 денари надомест, со тоа што транспортерите ќе добијат ослободување плус уште за една година во зависност од тоа кога им истекува лиценцата што ја добиле“,
рече премиерот Зоран Заев на денешното презентирање на економскиот пакет мерки за последниот квартал од годинава.
Тој најави и грантови за игротеки за деца и со оваа мерка треба да бидат опфатени илјада субјекти.
„Ќе се обезбедат грантови во висина од илјада до пет илјади евра во зависност од остварениот промет во 2019 година, а целата вредност на оваа мерка изнесува 2,5 милиони евра“,
рече Заев.
Меѓу вкупни 31. мерка поддршка ќе биде обезбедена и за занаетчиите и за нив се предвидува намалување на ДДВ-то на нивните услуги и производи од 18 на 5 отсто со цел зајакнување на нивната конкурентност на пазарот.
Заев напомена дека на самостојните вршители на дејности, односно на занаетчиите, им остануваат на располагање и другите мерки, како оние за поддршка за исплата на платите или пристапот до поволните кредити од Развојната банка на Северна Македонија.