Мицкоски смета дека платежните картички се институционален поткуп на граѓани
Четвртиот пакет на мерки е задоцнет, нема да одговори соодветно на потребите и ќе ја продлабочи тешката состојба, вели лидерот на ВМРО-ДМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Кога веќе се прави четврт пакет на мерки треба да се види искуството од претходните три. А, тоа е поразително и се вика нови дополнителни најмалку 40 илјади невработени за 5 месеци и минус речиси 13% намалување на бруто домашниот производ рекорден во вториот квартал. Токму затоа и овој пакет на мерки е промашен обид да се дефукусира вниманието од вистинските проблеми. Мафијата ќе стане побогата, а народот посиромашен“,
рече Мицкоски на денешната прес-конференција.
Според него, Владата треба да се фокусира на реализирање на капитални проекти кои ќе значат додадена вредност за економијата и подобри услови за живот на граѓаните. Тој рече дека дел од мерките од третиот пакет не се реализирани.
„Во четвртиот квартал Владата одлучува да им помогне на компаниите коишто и онака тешко опстојуваат со бруто плата за вработените. Ќе ве потсетам една иста ваква мерка за време на владина седница на во техничката влада, на крајот од месец март која што практично беше поврзана со процентот на намалување на економската активност на компаниите, предлагаше тогашниот технички министер за внатрешни работи господинот Наќе Чулев, која што брутално беше одбиена од страна на техничкиот премиер Оливер Спасовски“,
рече Мицкоски.
Тој ги спомена и картичките за кои вели дека се по принцип на поткуп на граѓаните со главен акцент и фокус на луѓето кои земаат пензија, а таа пензија е под 15 илјади денари.
„Ќе ве потсетам дека во минатото брутално со интервенција во законот им беше намалена пензијата на стотици илјади пензионери, денеска обидувајќи се да се прикаже како милосрден, Зоран Заев се обидува сето она кое многукратно повеќе им го зема во минатото преку картички од 6 илјади денари на одредена група на пензионери да им го надомести“,
рече Мицкоски.
Тој реагира и за културните работници за кои вели дека е срамно да им се нудат по 6 илјади денари еднократна помош, а во изминатиот период се соочуваа со неисплатени плати.
„Министерката за култура треба да поднесе неотповиклива оставка, бидејќи нејзините колеги културните работници таа самата како соучесник во мафијашкото однесување на Зоран Заев, ги стави во групата на социјално ранлива категорија и ги направи социјални случаи“,
додаде Мицкоски.
Тој смета дека парите за овие мерки се за богатење на одредени лица, а за осиромашување на народот.
„Овие пари мафијата ги нема, туку дополнително треба да се позајми од извори дома и од извори надвор, за да може да врши институционален поткуп. А, со тоа ќе се зголеми државниот и јавниот долг, со тоа ќе се зголеми дефицитот на буџетот, а тоа на крајот на денот ќе го платат сите граѓани солидарно без исклучок и на вера, нација и на социјална положба“,
рече Мицкоски.