Американски службени лица потврдија дека целта на нападите е да се принуди Русија да повлече одреден дел од војската во Украина за да ја одбрани својата територија
Пробивот на украинската војска во областа Курск во Русија предизвика вистинска дилема за рускиот претседател Владимир Путин, изјави претседателот на САД, Џо Бајден. Американски официјални лица постојано се на линија со Украинците, кои потврдиле дека целта на нападите на руска територија е обид Русија да повлече војници од Украина за да се брани од прекуграничните напади.
„Од 6 август јас сум брифиран постојано, на секои четири-пет часа, за дејствувањето на Украина“,
изјави Бајден.
Според одредени информации, изгледа дека планот на Зеленски вродува со плод оти украинската армија контролира околу 750 квадратни километри земја од областа Курск, а дел од руската војска која била стационирана околу градот Суми во Украина започнала со повлекување – најверојатно за да се соочат со заканата на своја територија.
Пред неколку дена во своето вечерно телевизиско обраќање украинскиот претседател Володимир Зеленски по првпат призна дека неговата армија спроведува офанзива во западниот руски регион Курск.
Зеленски рече дека украинската армија ја турка војната „на територијата на агресорите“, пренесува Би-би-си.
Признанието следуваше пет дена откако Украина ја започна својата операција, која ја изненади Русија и поттикна масовна евакуација од двете страни на границата.
Во своето обраќање, Зеленски им се заблагодари на украинските „воини“ и рече дека разговарал за операцијата во Русија со високиот воен командант на земјата, Олександар Сирски.
„Украина докажува дека навистина може да ја врати правдата и да го обезбеди потребниот притисок врз агресорот“,
додаде тој.
По оваа офанзива, рускиот претседател Владимир Путин порача дека какви било мировни преговори со Украина се невозможни сѐ додека нејзините сили напаѓаат цивилно население и ја загрозуваат безбедноста на нуклеарните централи
Според рускиот претседател, последните операции на Украина покажуваат зошто таа одбила да разговара за плановите за решавање на конфликтот врз основа на рускиот предлог или на патоказите понудени од дел од надворешните посредници.
„Очигледно, непријателот потпирајќи се на помошта од западните пријатели, се обидува да ги подобри своите преговарачки позиции за во иднина. Но, како можеме да зборуваме за преговори со оние кои вршат напади врз цивили, цивилна инфраструктура или се обидуваат да ги загрозат нуклеарните капацитети“,
рече Путин.