Целта е да се растегнат позициите на непријателот и да се нанесат максимални загуби, пренесуваат француските медиуми
Неименуван украински безбедносен претставник во изјава за француски медиуми соопшти дека неодамнешниот упад на украинската армија во областа Курск на руска територија има за цел да ги ослабне силите и да ја дестабилизира Руската Федерација.
„Целта е да се растегнат позициите на непријателот, да се нанесат максимални загуби, да се дестабилизира ситуацијата во Русија – затоа што тие не се во состојба да ги заштитат сопствените граници – и да се префрли војната на руска територија“,
изјавил украинскиот безбедносен претставник.
Вчера во своето вечерно телевизиско обраќање украинскиот претседател Володимир Зеленски по првпат призна дека неговата армија спроведува офанзива во западниот руски регион Курск.
Зеленски рече дека украинската армија ја турка војната „на територијата на агресорите“, пренесува Би-би-си.
Ова доаѓа пет дена откако Украина ја започна својата операција, која ја изненади Русија и поттикна масовна евакуација од двете страни на границата.
Во своето обраќање, Зеленски им се заблагодари на украинските „воини“ и рече дека разговарал за операцијата во Русија со високиот воен командант на земјата, Олександар Сирски.
„Украина докажува дека навистина може да ја врати правдата и да го обезбеди потребниот притисок врз агресорот“,
додаде тој.
Повеќе од 76 000 луѓе веќе се евакуирани од граничната област, според руската прорежимска државна новинска агенција ТАСС.
Рускиот Национален комитет за борба против тероризмот во петокот воведе режим на „антитерористичка операција“ во три региони како одговор на ненадејниот прекуграничен упад на Украина. Ова значи дека властите во пограничните региони Курск, Белгород и Брјанск можат да го ограничат движењето на луѓе и возила и да користат прислушување, меѓу другите мерки.
Русија најави таканаречена антитерористичка операција „за зголемување на безбедноста“ во пограничниот регион Курск, каде што упадот на украинските сили оваа недела ги изненади руските војници и ја откри нивната воена ранливост во речиси две и полгодишната војна.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека борбите продолжуваат во регионот Курск и дека војската извршила воздушни напади против украинските сили, вклучително и употреба на термобарична бомба, позната и како вакуумска бомба, која создава ударен бран и создава вакуум што ги задушува целите.