Во своето вечерно телевизиско обраќање во саботата, Зеленски рече дека украинската армија ја турка војната „на територијата на агресорите“, пренесува Би-би-си
Украинскиот претседател Володимир Зеленски по првпат призна дека неговата армија спроведува офанзива во западниот руски регион Курск.
Во своето вечерно телевизиско обраќање во саботата, Зеленски рече дека украинската армија ја турка војната „на територијата на агресорите“, пренесува Би-би-си.
Ова доаѓа пет дена откако Украина ја започна својата операција, која ја изненади Русија и поттикна масовна евакуација од двете страни на границата.
Во своето обраќање, Зеленски им се заблагодари на украинските „воини“ и рече дека разговарал за операцијата во Русија со високиот воен командант на земјата, Олександар Сирски.
„Украина докажува дека навистина може да ја врати правдата и да го обезбеди потребниот притисок врз агресорот“,
додаде тој.
Русија: Евакуиравме повеќе од 76 000 луѓе од пограничната област
Повеќе од 76 000 луѓе веќе се евакуирани од граничната област, според руската прорежимска државна новинска агенција ТАСС.
Рускиот Национален комитет за борба против тероризмот во петокот воведе режим на „антитерористичка операција“ во три региони како одговор на ненадејниот прекуграничен упад на Украина. Ова значи дека властите во пограничните региони Курск, Белгород и Брјанск можат да го ограничат движењето на луѓе и возила и да користат прислушување, меѓу другите мерки.
Русија соопшти дека до 1 000 украински војници, поддржани од тенкови и оклопни возила, влегле во областа Курск во вторникот наутро.
Воздушен напад врз Киев, Кличко ги предупреди цивилите
Во Украина, главниот град Киев и регионот Суми утрово беа под руски воздушни напади, соопштија официјални лица. Во Киев загинаа 35-годишен маж и неговото четиригодишно дете, соопшти украинската служба за итни случаи.
Тројца други се ранети, меѓу кои и едно 13-годишно дете, се вели во соопштението објавено на апликацијата за пораки Телеграм.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рано утринава на Телеграм објави дека единиците за противвоздушна одбрана „оперираат“ и ги предупреди цивилите да останат во засолништа.