Работната група за подготовка на предлог-законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, со која претседава вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, започна со подготовката за законското решение во август годинава, со цел да биде завршено кон средината на септември. Така подготвеното решение потоа ќе оди на мислење до Европската Унија и до Венецијанската комисија
Без законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, кој е од исклучително значење, не може да имаме борба против криминалот и корупцијата, нагласил министерот за правда Кренар Лога за време на денешниот, последен во низата состаноци на работната група што од минатиот месец го подготвува овој закон.
Работната група за подготовка на предлог-законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, со која претседава вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, започна со подготовката за законското решение во август годинава, со цел да биде завршено кон средината на септември.
Така подготвеното решение потоа ќе оди на мислење до Европската Унија и до Венецијанската комисија.
„Со овој закон ќе се оневозможи располагање со имот и имотна корист која не може да се докаже дека е стекната од законски извори, што ги прави противправните дејствија неисплатливи и овозможува ефективна борба против криминалот и корупцијата. Предметот на постапката уредена со овој закон опфаќа имот во или надвор од Република Северна Македонија кој е во сопственост на физички и правни лица лица“,
велат од Министерството за правда.
Со законот, како што додаваат од ресорното министерство, ќе може да се признаваат и извршуваат странските одлуки за конфискација во граѓанска постапка, а ќе се овозможи и меѓународна соработка со надлежни органи со цел да се оневозможи располагање на незаконски стекнат имот.
„Услов за поведување на постапката за утврдување на имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори согласно овој закон е ако има разумно сомневање дека постои имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори и ако нето-вредноста на имотот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори надминува 30 000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија“,
додаваат од Правда.
Конфискацијата на имот во граѓанска постапка беше дел од најавите за донесување на Закон за потекло на имот, за кој пред две години информира тогашниот вицепремиер за борба против корупција, а сега актуелен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Закон за потекло на имот, пак, сè уште не е донесен во земјава, иако повеќе институции досега го бараа, во прв ред Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).