„Сабота околу пладне ќе биде во Македонија. Не станува збор за бегање, тоа нема апсолутна врска со вистината. Легално ја помина границата оти бизнисот во Србија му е сериозен и мора да функционира. Ако е осомничен, не значи дека треба да ги затвори сите фирми“, вели адвокатот на Марковски во изјава за СДК
Битолскиот бизнисмен Борче Марковски, кој е еден од обвинетите за случајот со РЕК „Битола“, не е избеган од државата, туку е на работни состаноци во Србија, вели адвокатот Марјан Николоски за „Сакам да кажам“. Тој посочува дека Марковски има доставено гаранции и оти ќе се врати во земјава за неколку дена.
„В сабота ќе биде во Македонија, денес и утре е на состаноци во Србија каде што има сериозна фирма која без него не може да функционира. И затоа беше побаран пасошот. Има сериозна гаранција оставено во судот. Сабота околу пладне ќе биде во Македонија. Не станува збор за бегање, тоа нема апсолутна врска со вистината. Легално ја помина границата оти бизнисот во Србија му е сериозен и мора да функционира. Ако е осомничен, не значи дека треба да ги затвори сите фирми“,
вели Николоски во изјава за СДК.
Како што објави „360 степени“, откако му беше вратен пасошот, Марковски вчера бил задржан на граничниот премин „Табановце“, но по извршените проверки му било дозволено да ја напушти државата бидејќи против него немало активна мерка за забрана на преминување на границата.
Претседателот на Основниот суд Струга во заминување, Вулнет Винца, денеска потврди дека тричлен кривичен совет одлучил да му го врати пасошот на бизнисменот Марковски. Тој кажа и дека не чувствува одговорност оти пред да одлучат добиле позитивно мислење од Јавното обвинителство.
„Ние ценевме, ама добивме мислење од овластениот тужител, ОЈО Струга. Не чувствувам одговорност. Имаме закажано рочиште на 2 септември. Ако не се врати, ќе му се суди во отсуство и ќе се одземе имотот“,
кажа Винца.
Од Обвинителството посочија дека барањето за укинување на дополнителните мерки за претпазливост изречени при определувањето на гаранцијата е поднесено од одбраната на обвинетиот.
„Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга првично на 15.6.2026 година даде негативно мислење за прифаќање на ова барање. Откако одбраната поднела ново барање, јавниот обвинител го реферирал предметот во Вишото јавно обвинителство Битола. Од реферирањето е изготвен записник, при што Вишиот јавен обвинител донел заклучок со кој понискиот јавен обвинител го задолжил да поднесе позитивно мислење да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа“,
посочија од Обвинителството.
Во соопштението се наведува дека вишиот јавен обвинител изнесува став оти со определената гаранција се исклучени околностите кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот.
„Воедно, се прифаќаат аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Република Србија чие работење е сериозно доведено во прашање и постои можност да биде нанесена ненадоместлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата.
се додава во соопштението.
Сите аспекти на ваквата одлука и соодветната аргументација ќе бидат испитани. Во моментов не може да се смета дека обвинетиот е во бегство и тој има обврска да се јавува пред судот“,
Марковски и седум други лица беа осомничени за кривични дела поврзани со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“.
Иако опремата воопшто не се планирала за во Битола, бил спроведен тендер, потпишан договор во висина од околу 1,7 милиони евра, а неговата компанија „Марковски компани“ како добитник ги демонтирала машините од Кичево, ги донела во Битола и ги оставила немонтирани во кругот на РЕК „Битола”.
Судењето, кое првично започна во Основниот суд во Битола, во меѓувреме беше префрлено во Основниот суд во Струга, по одлука на Апелацискиот суд во Битола.
Првото рочиште во Струга, закажано за 24 јуни, беше одложено бидејќи еден од обвинетите го сменил адвокатот, кој побарал дополнително време за увид во обвинителниот акт.
Новиот обид за почеток на судењето е закажан за 2 септември.
