Тој денеска бил задржан на граничниот премин „Табановце“, но бидејќи против него немало активна мерка што би го спречило да ја премине државната граница, бил пуштен кон Србија
Неофицијално, ОЈО Струга се противело на враќањето на пасошот, но позитивно мислење стигнало од Вишото јавно обвинителство Битола со кое раководи Пецо Везироски

Битолскиот бизнисмен и почесен конзул на Белорусија во земјава, Борче Марковски, денеска бил задржан на граничниот премин „Табановце“, но по извршените проверки му било дозволено да ја напушти државата бидејќи против него немало активна мерка што би го спречило да ја премине државната граница, дознава „360 степени“.
Марковски поседува компании и друг имот во Србија. Враќањето на пасошот не е првата контроверзија поврзана со судскиот процес против него, со оглед на тоа што Судскиот совет констатира дека во Основниот суд Битола бил составен „посакуван кривичен совет“ за газдата на „Марковски компани“ да излезе од притвор.
Официјален став за излегувањето на Марковски од земјава побаравме од Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде што ни рекоа дека мерките за забрана за напуштање на државата ги определува надлежен суд или друг надлежен орган, а полицијата постапува исклучиво по донесени и активни одлуки евидентирани во службените системи.
Оттаму посочија и дека информации за влез и излез на лица од државата, МВР, согласно законските процедури, дава исклучиво по барање на надлежен државен орган или на самото лице.
За случајот
Марковски и седум други лица беа осомничени за кривични дела поврзани со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“.
Иако опремата воопшто не се планирала за во Битола, бил спроведен тендер, потпишан договор во висина од околу 1,7 милиони евра, а неговата компанија „Марковски компани“ како добитник ги демонтирала машините од Кичево, ги донела во Битола и ги оставила немонтирани во кругот на РЕК „Битола”.
Вишото обвинителство во Битола – за
Весникот „Независен“ вчера објави дека Основниот суд во Струга му го вратил пасошот на Марковски, а информацијата ја потврдил и претседателот на Судот, судијата Вулнет Винца.
„Пасошот на обвинетиот Борче Марковски му е вратен со одлука на судот бидејќи има приложено гаранција во вредност од над пет милиони евра. Според законот, не може да се земе и гаранција во имот и да биде одземен пасошот. Или едното или другото“,
рече судијата Винца.
„360 степени” праша во Основниот суд Струга под кои околности му е вратен пасошот на Марковски и според кои одредби Судот цени дека мерките – гаранција во имот и одземен пасош – не може да бидат активни истовремено, како што во изјава за „Независен“ тврди претседателот на Судот.
Оттаму ни кажаа дека за одговор треба да почекаме до утре.
Засега нема одговор ниту од Обвинителството – кој бил нивниот став. Неофицијално, ОЈО Струга било против враќање на пасошот, но позитивно мислење стигнало од Вишото јавно обвинителство Битола со кое раководи Пецо Везироски.
Зошто Струга, а не Битола
Судењето, кое првично започна во Основниот суд во Битола, во меѓувреме беше префрлено во Основниот суд во Струга, по одлука на Апелацискиот суд во Битола.
Првото рочиште во Струга, закажано за 24 јуни, беше одложено бидејќи еден од обвинетите го сменил адвокатот, кој побарал дополнително време за увид во обвинителниот акт.
Новиот почеток на судењето е закажан за 2 септември.
За потсетување, на 2 јануари годинава Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против осум физички и едно правно лице, меѓу кои и бизнисменот Борче Марковски, поради злоупотреби на јавни набавки во РЕК „Битола“.
Според обвинението, во 2023 година повеќе директори и раководители во РЕК „Битола“, заедно со Борче Марковски и уште две лица од „Марковски компани“, извршиле злоупотреби при јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во РЕК „Битола“. Обвинителството тврди дека тендерот бил спроведен со предимензионирани услови, со што била фаворизирана „Марковски компани“ како единствен понудувач за договор вреден 1,7 милиони евра.
Компанијата, како што се вели во обвинението, наплатила средства врз основа на невистинита документација за наводно завршени работи, иако дел од опремата не била монтирана. Со меѓународна правна помош, Обвинителството обезбедило 1,2 милион евра, 1 000 швајцарски франци, три златни монети и една златна плочка од банкарски сеф во Белград, а замрзнат е и дел од имотот на компанијата.
