На седницата за пратенички прашања, Филипче побара одговори и за најавите за истрага во однос на унгарскиот кредит, за економскиот стандард, сиромаштијата и корупцијата. Мицкоски возврати дека очекувал пофалби за заемот од Унгарија бидејќи се потврдило оти е со поволни услови
Кој е виновен за состојбата во државата – од загадувањето на водата до падот на животниот стандард на граѓаните, сиромаштијата и корупцијата, праша лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната собраниска седница наменета за пратенички прашања. Во прашањето упатено до премиерот Христијан Мицкоски, Филипче побара одговори зошто не се објавуваат резултатите од водата во Гостивар и зошто, како што рече, има контрадикторни изјави од страна на институциите.
„Зошто имате контрадикторни изјави, вие едно, министерот за здравство друго, дека наводно ќе била добра за пиење, а потоа ќе била само технички исправна водата? Луѓето се збунети, не знаат што да прават и не знаат кому да веруваат. не одговоривте ниту за случајот со Лепенец и сливот во Вардар. За белата пена која ја замати водата на местото каде што се наоѓаат бунарите кои го дополнуваат изворот од Рашче. Значи, загадена вода на местото каде што има бунари од изворот од кој пие вода цело Скопје. И нема никаква информација“,
кажа Филипче.
Тој се осврна и на животниот стандард, кој според него бележи пад.
„Се зголеми парното, се зголемија горивата, повторно нема мерки за одредени категории на граѓани, поскапе данокот на имот. Сè поскапе, платите стагнираат. Луѓето се на работ на егзистенцијата“
Филипче упати критики и за корупцијата, посочувајќи го извештајот на Европскиот парламент како најлош досега и влијанието на власта врз судството. Лидерот на СДСМ посочи и на унгарскиот заем, за кој стигнаа најави од премиерот Маѓар дека ќе спроведе сеопфатна истрага.
„Ве предупредувавме – зошто земате една милијарда евра сомнителни пари. Излезе дека луѓето се сомневаат дека имаат кинеско потекло. Загрозен ли е нашиот стартешки европски правец на движење, на задолжување, на концепцијата на задолжување на земјава со тој кредит? И не ставивте на мапата на срамот на Европа дека сега има сомнеж дека нашата власт ја ставила државата во сомнителна зделка“,
додаде Филипче.
Тој кажа и дека се потврдиле тезите на СДСМ оти Мицкоски го блокира европскиот пат.
„Кој е крив за сите работи – знам ќе кажете Венко е крив, СДСМ, меѓутоа граѓаните знаат – вие ја сносите одговорноста за сите овие работи, но сакам да слушнам од вас – кој е крив за сите овие работи во државата“,
праша Филипче.

Премиерот Христијан Мицкоски во одговорот првично се осврна на обвинувањата на Филипче во однос на унгарскиот заем. Според него, кредитот е со поволни услови и половина од средствата, како што рече, се потрошени на враќање на еврообврзницата во износ од 500 милиони евра.
„Од преостанатата половина, 250 милиони евра ги користат компаниите преку субвенционирани заеми со каматна стапка од 1,95 проценти. Претпоставувам дека и тие го следат ова. Преостанатите 250 милиони евра, заедно со уште 250 милиони евра, се искористени за финансирање проекти во општините, вклучително и во оние општини во кои вие имате неколку градоначалници. Што се однесува до унгарскиот заем, мислев дека ќе излезете и ќе ја пофалите државата што направила таков аранжман, за кој самата Унгарска влада вели дека е по преференцијални услови, дека унгарските граѓани ќе треба да платат дополнителни 250 милиони евра камати. Наместо тоа, повторно излегувате и кажувате работи што не се вистинити“,
кажа Мицкоски.

За цените на горивата, Мицкоски кажа дека се најниски во регионот, а за економскиот стандард посочи дека се бележи зголемување во однос на платите, пензиите и бруто-домашниот производ, споредено со времето кога на власт бил СДСМ.
„Анализирав 12 држави во регионот – Србија, Албанија, Македонија, Словенија, Црна Гора, БиХ, Грција, Хрватска, Бугарија, Косово, Романија, Турција. Во јуни 2022 година во владата се СДСМ, ДУИ, е во таа влада и има уште некои, инфлацијата е 14,7%. Осми сме во овие дванаесет држави со 14,7%. јуни 2026 година 3,4%, трети, заедно го делиме третото место со Албанија. Србија има 2,7%, зад нас се Словенија, Црна Гора, БиХ, Грција, Хрватска, Бугарија, Косово, Романија, Турција. Во јуни 2022 пред нас се Албанија, Словенија, Грција, Хрватска, Црна Гора, Косово итн. Ова се факти“,
рече Мицкоски.
Го обвини Филипче за набавката на вакцини додека тој беше министер за здравство и го повика Обвинителството да го истражи случајот, а возврати и во однос на обвинувањата за одговорност поврзани со загадувањето на водата. Според Мицкоски, водата во Гостивар била загадена и во времето кога Филипче раководел со секторот здравство.
„Извештај од Центарот за јавно здравје во Прилеп од 1 февруари 2019 до 28 февруари 2019 и се однесува за градовите Прилеп, Крушево и Македонски Брод. Самиот извештај вели дека има неисправност на водата поради тоа што имаме бактериолошка неисправност и физичко-хемиска неисправност на примероците. Преземено, ништо. Следен извештај 1 март 2019 до 31 март 2019, повторно за истите градови, и повторно преземено ништо. Можам да ви ги редам многу вакви извештаи. Овде има цел сноп за Гостивар и за околината. Вие сте министер во тој период. Не само што ви гореа модуларни болници, туку како доктор вие не се држевте до заклетвата. Вие дозволувавте луѓето да консумираат вода која во најмала рака кажано, претставувала ризик за здравјето на тие кои што ја консумирале“.
додаде Мицкоски.
Мицкоски информира дека бројот на неисправните примероци од водата во Гостивар се намалува и оти очекува гостиварци за неколку дена да имаат исправна вода за пиење, а во исто време го повика Обвинителството да се позанимава и со наводите од минатите извештаи.
