Целта на работната група за подготовка на законот, која денеска го одржа првиот состанок, е до средината на септември да се подготви решение кое потоа ќе оди на мислење до Европската Унија и до Венецијанската комисија. Според вицепремиерката Грковска, која претседава со ова тело, ваквото законско решение ќе биде додадена вредност во алатките за борба против корупцијата
Интензивна работна динамика во наредниот месец била договорена на првиот состанок на формалната работна група за подготовка на предлог на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, кој се одржал денеска. Целта, како што се наведува во соопштението од Владата, е до средината на септември да се подготви решение, кое потоа ќе се достави на мислење до Европската Унија и до Венецијанската комисија.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, која претседава со ова тело, нагласува дека е важно за државата овој закон да се донесе во најбрз можен рок, затоа што тој, како што вели, ќе претставува додадена вредност во алатките за борба против корупцијата.
„Вицепремиерката Грковска ги информираше членовите на работната група за нацрт-текстот на овој закон, кој изминатава година се подготвуваше во соработка со Советот на Европа. Овој првичен документ е солидна основа за да се изработи закон кој ќе биде функционален, применлив, кој нема да биде контрадикторен со други законски решенија и со кој ќе бидат запазени меѓународните стандарди“,
се наведува во соопштението од Владата.
Во рамките на подготовките, велат од работната група, биле разгледувани повеќе меѓународни и домашни документи кои треба да послужат како основа за изработка на одржливо законско решение.
„Од физибилити студијата, анализата на состојбите и моделите на конфискација во модерните правни системи, досегашната, неформална експертска група заклучи дека постојното кривично и управно законодавство не може целосно да ги опфати случаите кои се појавуваат во пракса, кога во постапките не може целосно да се одземе имот стекнат од незаконски извори. Оттаму, повеќе меѓународни и домашни документи беа разгледувани како основа за подготовка на ново одржливо законско решение, преку кое ќе се овозможи воспоставување на дополнителен механизам за успешно спречување на неосновано збогатување и конфискација на имот кој не бил стекнат од законски извори“,
стои во соопштението.
Презентираниот првичен документ ќе се надогради од оваа работна група, составена од претставници на повеќе државни институции, меѓу кои од кабинетот на Грковска, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Основното јавно обвинителство Скопје, Основниот кривичен суд Скопје, Основниот граѓански суд Скопје, Управниот суд, Државното правобранителство. Во работната група има претставник и од академската заедница, како и претставници на невладиниот сектор, односно од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Блупринт групата за реформи во правосудството.
Инаку, конфискацијата на имот во граѓанска постапка беше дел од најавите за донесување на Закон за потекло на имот, за кој пред две години информира тогашниот вицепремиер за борба против корупција Љупчо Николовски, а сега актуелен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во септември 2021 година, Николовски во обраќање на конференција за детектирање и намалување на сивата економија, што ја организираа УНДП и Министерството за финансии, најави дека ќе има конфискација на имот над 30 000 евра чие потекло не може да се докаже и дека тоа е предвидено во нацрт-верзијата на Законот за потекло на имот, која, како што рече тогаш, е готова и ќе биде испратена и до Венецијанската комисија.
„Овој закон преку граѓанска постапка за конфискација, која ја воведуваме, ќе важи за сите лица кои нема да можат во одреден законски период да го докажат потеклото на имотот. Значи ќе важи за сите лица, не само за функционерите. Постапката ќе биде граѓанска, брза, а не кривична и ќе има соодветен праг кој моментално во драфт-верзијата е 30 илјади евра“,
изјави тогаш Николовски.
Закон за потекло на имот сè уште не донесен во земјава, иако повеќе институции досега го бараа, во прв ред Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Потребата од вакво законско решение неодмна ја спомена и шефот на државата Стево Пендаровски во интервју за неделникот „Фокус“, во кое се осврна состојбите во правосудството и корупцијата во државата.