Дали протестите и блокадите ќе продолжат за време на викендот, Јовановски не знаеше да каже, но нагласи дека секако ќе продолжат од понеделник ако нема решение на проблемот и дека тие ќе се радикализираат
Координативното тело на приватните превозници одлучи утре со почеток од 6 часот наутро да го блокира булеварот „Илинден“ од семафорите кај Владата до семафорите кај МИ-ДА во двата правци. Ќе се блокираат само десните ленти од коловозот, соопшти денеска на прес-конференција Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.
Тој посочи дека не сакаат да направат никаде проблем сè додека може да се поднесе оваа состојба. Јовановски откри дека директорот на фестивалот „Златно славејче“ го информирал дека утре по три години ќе се одржи фестивалот и дека ќе доаѓаат луѓе од сите градови, па ги замолил да го одложат протестот.
„Ја имаме предвид молбата од директорот на фестивалот ‘Златно славејче’, не можете да останете рамнодушни на вакви барања. Ги имаме предвид и сугестиите од граѓани да се прават протести пред Градското собрание, да нè трпат сите граѓани. Пред Градското собрание утре ќе бидат паркирани околу 200 автобуси, за да види градоначалничката Данела Арсовска дека не е таква бројката како што таа кажува. Некој сака да ја дефокусира јавноста и да кажува дека нема проблеми, дека го покриваат градскиот проблем, но сите гледате што се случува“,
посочи Јовановски.
Дали протестите и блокадите ќе продолжат за време на викендот, Јовановски не знаеше да каже, но нагласи дека секако ќе продолжат од понеделник ако нема решение на проблемот и дека тие ќе се радикализираат.
„Ако никој не сака да се свести и да седне на маса да разговараме за суштинскиот проблем, ако Арсовска и понатаму повторува дека ѝ е важен јавниот интерес, а не приватните џебови, ако се грижи за јавниот интерес, треба да седне, ако не сака таа нека избере друг, и да изнајдеме соодветно решение, да излеземе од оваа криза во јавниот превоз. Дали ќе објавува нови огласи, тоа е нејзино право, прво да го решиме овој проблем. Дури и да сме биле криминалци, прво нека обезбеди резервна варијанта, па потоа нека го раскине договорот со нас“,
рече Јовановски.
Ако нема решение, во понеделник овие 200 автобуси ќе се прегрупираат и ќе го блокираат сообраќајот од 6 часот наутро, ќе има целосна блокада на раскрсницата кај „Мавровка“, на раскрсницата кај „Црвен крст“ и на улицата Илинденска, додаде тој.
„Можеби ќе се засилат и ќе се радикализираат протестите, не го знаеме уште концептот, растат нервозата и загриженоста кај приватните превозници и состојбата е многу напната. Замолувам до сите институции и државните, да се вклучат како медијатори за да видат и да дознаат дека ситуацијата може да ескалира и нервозата да отиде дотаму да жалиме. Ќе се обидеме уште еднаш некој во Градското собрание да нè викне да разговараме“,
рече Јовановски.
Тој уште еднаш ги отфрли обвинувањата на Арсовска дека приватните превозници од „Слобода превоз“ во изминатите пет години, односно од 2017 до денес, немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.
Јовановски повтори дека „Слобода превоз“ не била таа што продавала билети за превоз. За билетите, од набавка, продажба и собирање на парите исклучиво е надлежно Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП). Ниту еден приватен превозник не продава билети во своите автобуси на каков било начин, посочи тој.
Тој информира дека приватните превозници не продале ниту еден нефискализиран билет од причина што фискалните апарати во автобусите се неисправни и тоа било пријавено, но никој не реагирал.
„Да правиме нешто што не е законски, да применуваме нешто што го прави ЈСП, возачите да продаваат карти и да земаат готовина. Јас во тој процес нема да се мешам, не е правилен и не е во согласност со Законот за готовински плаќања кој вели дека фискалната сметка се издава во моментот кога ја добивате готовината. Од ЈСП сакаа да нè принудат да продаваме билети, да нè задолжат со билети и да им ги дадеме на приватните превозници. Но не сум дозволил ниту еден приватен превозник да продаде нефискализиран билет. Затоа што во тој случај има простор за малверзации. На пример, изработувате 300 билети, 200 во регуларен оптек, 100 одат кај возачите. За тие 200 имате дека поминале преку фискален апарат, овие кај возачот не се знае дали поминале, но при продавањето не издавате фискална сметка. Со самото тоа е недокажливо дали се продале 300 или 200 билети. Тие 100 билети секогаш висат“,
објасни Јовановски.