Според генералниот секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Феридун Синирлиоглу, овие бројки доволно го кажуваат фактот дека превенцијата и заштитните механизми сè уште не се ефикасни како што треба да бидат
„Фемицидот претставува најекстремна манифестација на насилство врз жените. На глобално ниво во 2024 година нотирани се 83 000 жртви жени и девојчиња, од кои 50 000 биле убиени од интимниот партнер или друг член на семејството. Тоа значи дека секој ден во просек по 137 жени и девојчиња биле убиени од некого во семејството или најблиската околина“, рече потпретседателката на македнското Собрание, Весна Бендевска

Секоја година повеќе од 50 000 жени и девојки се свирепо убиени од своите партнери и од други членови на семејството. Ова беше нагласено на Регионалната конференција за фемицид во Југоисточна Европа, која денеска започна во македонското Собрание.
На отворањето беше нагласено дека ниту еден случај на фемицид не претставува изолиран инцидент или приватна семејна работа, туку е краен резултат на континуирано родово базирано насилство кое институциите и општеството не успеале навреме да го спречат.
Генералниот секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Феридун Синирлиоглу, преку видеопорака нагласи дека насилството врз жените не е само едно од најголемите повреди на човековите права, туку исто така е закана за нашата колективна сигурност.
„Според податоците на Обединетите нации, секоја година повеќе од 50 000 жени и девојки се свирепо убиени од своите партнери и од други членови на семејството. Овие бројки доволно го кажуваат фактот дека превенцијата и заштитните механизми сè уште не се ефикасни како што треба да бидат“,
рече Синирлиоглу.
Тој додаде дека фемицидот останува лоша црта на сите општества и затоа „се собравме тука, да разговараме за конкретни начини за да ги подобриме нашите напори за ставање крај на фемицидот и да се изградат најиновативните практики“.
Синирлиоглу истакна дека борбата против насилството врз жените е клучна и приоритетна за ОБСЕ, која е во темелите на неколку одлуки на Советот на министрите во изминатите неколку години. Тој додаде дека ОБСЕ ги има удвоено напорите да се бори против фемицидот, со тоа што ќе промовира подобрена размена на добрите практики. Исто така, во март 2025 година Организацијата објави прв извештај за ОБСЕ за фемицидот, кој вклучи и податоци за одговор и кривичната правда.

Тој смета дека мора да се продолжи со партнерството за да се елиминираат сите облици на насилство врз жените и девојките.
Потпретседателката на македонското Собрание, Весна Бендевска, рече дека регионалната конференција претставува сериозна можност и платформа за дискусија во која ќе бидат вклучени политички и претставници од правосудните институции, независни експерти и граѓанското општество од регионот и пошироко.
Ваква дебата, рече Бендевска, може да придонесе кон заедничко разбирање дека спречувањето на фемицидот бара трајна политичка посветеност и фокус, веродостојни податоци, посветени институции, транспарентност и сериозен мултидисциплинарен пристап и соработка.
„Фемицидот претставува најекстремна манифестација на насилство врз жените. На глобално ниво во 2024 година нотирани се 83 000 жртви жени и девојчиња, од кои 50 000 биле убиени од интимниот партнер или друг член на семејството. Тоа значи дека секој ден во просек по 137 жени и девојчиња биле убиени од некого во семејството или најблиската околина“,
истакна таа.
Бендевска заклучи дека статистиката е поразителна и затоа фемицидот не смее да биде перципиран како изолиран, спорадичен кривичен настан. Рече дека во најголем број случаи тоа е крајна точка на континуирано насилство, на кое претходеле семејно насилство, закани, демнење, контролирачко поведение или други предупредувачки знаци.
Според неа, во последните години земјите од Југоисточна Европа постигнале значителен напредок во однос на зајакнувањето на кривичното законодавство со воведување дефиниции и посебни кривични дела поврзани со фемицидот и родово базираните убиства, воспоставување нови механизми и опсерватории заради унапредување на собирањето податоци и процена на ризиците.
Сепак, додаде таа, разните законски дефиниции, фрагментираните податоци и нееднаквата примена на законите и понатаму претставуваат предизвик. Регионалното искуство сѐ појасно покажува дека доброто законодавство е неопходно, но само по себе, за жал, е недоволно.
Таа потсети дека кога станува збор за правните состави и за превенција и заштита на оваа тема, Македонија има преземено значајни чекори во оваа насока.
По стапувањето во сила на Истанбулската конвенција во 2014 година, Македонија е меѓу првите земји што го имаат потпишано овој документ, а Собранието ја има ратификувано во 2017.
„Според нашиот Устав, таа стана дел од правниот поредок во земјата, по што Министерството за труд и социјална политика пристапи кон подготовка на национален акциски план за спроведување на Конвенцијата, со цел креирање динамика за усогласување на националното законодавство со одредбите од оваа Конвенција“,
истакна Бендевска.
Таа потсети дека во 2021 година Собранието го има донесено и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, а во 2023 со измените на Кривичниот законик е воведен и концептот на родово базирано насилство, со цел експлицитно препознавање на родовата димензија на убиствата на жени и девојчиња.
Бендевска рече и дека земјата исто така го развива и својот прв „Femicide Watch“ механизам со поддршка од Мисијата на ОБСЕ, која вклучува систематско следење и анализа на случаи на фемицид и обид за фемицид, следење на судски постапки и посебна јавна платформа, додавајќи дека особено е значаен мултидисциплинарниот и мултисекторскиот пристап, а нивното поврзување овозможува да се препознаат предупредувачките знаци, да се утврди каде институционалниот одговор не бил соодветен и така научените лекции од поединечни случаи да се преточат во подобра превенција.
Бендевска додаде дека улогата на парламентите не завршува со донесувањето закони, туку бара обезбедување соодветен буџет и буден надзор за нивно функционирање.
Смета дека за вистинско решавање на овој проблем треба да се констатира оти фемицидот како општествен феномен е огледало на затајување на одговорноста и на поединечен и на севкупен план и оти е црна слика на модерното општество во 21 век.
