На денешната седница Владата ќе расправа и за неколку предлог-програми за работа за тековната година, а ќе ја разгледа и Стратегијата за регионален развој 2021-2024
Информација за програмата и приоритетите на француското претседателство со Советот на Европската Унија се една од точките на денешната седница на македонската Влада.
Од почетокот на годинава Франција го презеде од Словенија шестмесечното претседателство со ЕУ, а францускиот претседател Емануел Макрон, најавувајќи ги приоритетите на претседателството нагласи дека Западен Балкан „според својата географија и историја, како и преку ветувањето за иднината што го носи, е во срцето на европскиот континент“.
„Во контекст на конференцијата за иднината на Европа и резултатите следниот мај, ние треба да ги преиспитаме нашите правила за одлучување, за да ги направиме појасни, почитливи, за да можеме побрзо и посилно да одлучуваме, но и политички да бидеме искрени за рамката на таа Европа во која Западен Балкан го има местото“,
нагласи францускиот претседател.
На денешната владина седница ќе се разгледа и извештај од анализата на нацрт-стратегиските планови на министерствата и другите органи на државната управа од аспект на формата, содржината и нивната усогласеност со стратегиските приоритети но Владата во 2022 година.
Пред министрите ќе се најдат и неколку предлог-програми за работа за тековната година, како програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој, но и Стратегијата за регионален развој 2021-2024.
На денешната седница пред министрите ќе се најде и информацијата за предлог структури и акциски план за воспоставување систем за индиректно управување со ИПА средствата, согласно барањата од Регулативата за имплементација на новиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА 3) за Годишната акциска програма за 2022 година.