Маричиќ и Османи го информирале Бон и за новата политичка клима помеѓу двете нови влади во Северна Македонија и Бугарија и нагласиле дека има нова енергија и иницијатива за меѓусебните односи на двете држави
Јасна и недвосмислени порака за поддршка од Франција и пораки дека Северна Македонија е подготвена за почеток на преговори со Европската Унија (ЕУ), добиле вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, на средбата во Париз со Клеман Бон кој е државен секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција.
Во фокусот на нивните разговори, велат од МНР, било европското досие на Северна Македонија и можноста за напредок во евроинтеграциите за време на актуелното претседателство на Франција со Советот на ЕУ.
„Соговорниците се согласија дека Северна Македонија и Албанија треба да ги почнуваат преговорите за членство во Унијата, без одложувања. Соговорниците исто така разменија мислења и за сетот на реформи, неопходни за реализација на европската агенда, со посебен акцент на клучните области како што е владеењето на правото, борбата против корупција и организираниот криминал, а во согласност со новата Методологија за проширување на ЕУ, иницирана од Франција“,
соопштија од МНР.
Оттаму додаваат дека зборувале и за најавената Конференција за Западен Балкан во јуни, пред да заврши француското претседателство, а биле најавени и политики на инвестирање со цел земјите од регионот економски да се интегрираат.
Маричиќ и Османи го информирале Бон и за новата политичка клима помеѓу двете нови влади во Северна Македонија и Бугарија и нагласиле дека има нова енергија и иницијатива за меѓусебните односи на двете држави.
„На средба соговорниците разговараа и за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Франција, а се зборуваше и за актуелните предизвици на целиот континент, со посебен фокус кон состојбите во и околу Украина – за кои како НАТО сојузници беше изразен заеднички став дека треба да бидат вложени сите напори за дипломатско надминување на предизвиците“,
додаваат од МНР.
Претходно, за време на посетата на Париз, вицепремиерот и шефот на дипломатијата се сретнаа и со Изабел Думон која е советничка за континентална Европа и Турција на францускиот претседател Емануел Макрон, како и со сенаторот Роберт Бадинтер кому Османи му врачи признание по повод 30 години независност на Северна Македонија.
Од утре, Османи и Маричиќ ќе се придружат на владината делегација во Брисел каде што ќе имаат средби со највисоките претставници на ЕУ и НАТО институциите. Владината делегација ќе биде предводена од премиерот Димитар Ковачевски, кому ова ќе му биде прва официјална посета на Брисел од преземањето на функцијата.