Шефот на дипломатијата потсетува дека Бадинтер одиграл голема улога во два клучни моменти од македонската историја: осамостојувањето од Југославија и во 2001 со заложбите за уставни измени и воспоставување мултиетнички живот
По повод 30 години од независноста на Република Северна Македонија, францускиот сенатор Роберт Бадинтер, доби признание од земјава.
Признанието му го врачи шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој заедно со вицепремиерот за европски прашања, се во посета на Париз.
„Сенаторот Бадинтер придонесе во два клучни момента од историјата на Северна Македонија, и тоа во периодот на осамостојувањето и меѓународното признавање на земјата, тогаш во улогата на претседател на Арбитражната комисија на Мировната конференција за Југославија и во 2001 година, со заложбите за уставните измени и воспоставување стабилност и мултиетнички соживот во државата. Со овој чин, му оддаваме симболично признание за оставениот белег во консолидација на нашата самостојност, поддршката и помошта во заокружување на евро-атлантската перспектива, како и зацврстувањето на мултиетничката, мултикултурна и мултиконфесионална кохезија на нашата држава и општество“,
вели Османи.
Османи потсетува и на изјава на Бадинтер за Северна Македонија која гласи:
„Иднината на ова земја се разбира е во рамките на Европската Унија. Знам дека патот е тежок. Но затоа ќе се послужам со девизата на големиот ред на Језуитите, чие учење не сум го следел – Per aspera, ad astra! (преку трње до ѕвездите)“.
Претходно, во рамки на работната посета на Париз, Маричиќ и Османи се сретнаа со Изабел Думон, дипломатски советник за континентална Европа и Турција на претседателот на Франција, Емануел Макрон.
Дел од нивната агенда е и средба со државниот секретар за европски прашања во француското Министерството за Европа и надворешни работи Клеман Бон.