Погребот на шефот на платеничката група „Вагнер“ е одржан во кругот на семејството на гробиштата во Санкт Петербург безмалку една недела по неговата смрт. Претходно денеска од Кремљ соопштија дека рускиот претседател Владимир Путин нема да присустува на погребот на водачот на паравоената платеничка група
На приватна погребна церемонија денеска на гробиштата во Санкт Петербург беше погребан водачот на воената платеничка група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, објави неговата прес-служба.
Фото: EPA-EFE/ANATOLY MALTSEV
Оттаму соопштија дека погребот бил од „затворен формат“, а дека сите оние кои сакаат да се збогуваат со него можат да го направат тоа на гробиштата Пороховскоје во Санкт Петербург, неговиот роден град.
Претходно денеска од Кремљ соопштија дека рускиот претседател Владимир Путин нема да присустува на погребот на водачот на паравоената платеничка група „Вагнер“.
Шефот на „Вагнер“ загина во авионска несреќа во близина на Москва заедно со уште девет лица. Несреќата се случи на 23 август – два месеца откако Пригожин го предводеше бунтот на „Вагнер“ против руските вооружени сили – потег кој рускиот претседател Владимир Путин го опиша како „предавство“.
Рускиот истражен комитет во неделата потврди дека водачот на „Вагнер“ е меѓу лицата загинати во авионската несреќа, наведувајќи дека генетските испитувања покажале оти идентитетите на сите десет тела пронајдени на местото на несреќата соодветствуваат со оние на лицата наведени на списокот на патници во урнатиот авион.
Кремљ демантираше дека е виновен за авионската несреќа, а рускиот претседател Путин во видеообраќање до јавноста, еден ден по несреќата, изрази сочувство до семејствата на загинатите, а шефот на „Вагнер“ го опиша како „талентиран бизнисмен“, но, и како „човек со тешка судбина кој правел големи грешки во животот“.