Портпаролот Дмитриј Песков во изјава за медиумите рекол дека Кремљ не знаел за планираните погребни аранжмани велејќи дека ова е прашање за семејството на водачот на паравоената платеничка група „Вагнер“
Рускиот претседател Владимир Путин не планира да присуствува на погребот на водачот на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува „Гардијан“ повикувајќи се на новинската агенција Ројтерс.
Во изјава за медиумите, според новинската агенција, Песков рекол дека Кремљ не знаел за планираните погребни аранжмани велејќи дека ова е прашање за семејството на Пригожин.
Рускиот истражен комитет во неделата потврди дека водачот на „Вагнер“ е меѓу лицата загинати во авионската несреќа што се случи на 23 август, односно минатата среда. Истражниот комитет во соопштението наведе дека по форензичките – молекуларно генетски испитувања, сите десет тела пронајдени на местото на несреќата се идентификувани и нивните идентитети соодветствуваат со оние на лицата наведени во меморандумот на летот, односно на списокот на патници во урнатиот авион.
Рускиот истражен комитет, во соопштението, исто така, наведе дека ќе ја продолжи истрагата околу авионската несреќа.
Руската воздухопловна агенција претходно минатата недела ги објави имињата на десетте лица што се урна северозападно од Москва, а меѓу нив беше и името на водачот на платеничката група „Вангер“. Покрај Пригожин, меѓу жртвите има уште неколку членови на паравоената платеничка група.
Авионската несреќа се случи два месеци откако Пригожин го предводеше бунтот на „Вагнер“ против руските вооружени сили – потег кој рускиот претседател Владимир Путин го опиша како „предавство“.
Претходно, како што потсетува „Гардијан“, тој одби да ги предаде своите платеници по директна државна контрола, и покрај директното барање од Путин за време на состанокот во Кремљ во јуни. Бунтот на неговата платеничка група истиот месец дојде неколку дена пред истекот на крајниот рок што ѝ беше даден на групата да ги потпише договорите со руската армија.
Кремљ ги демантираше наводите дека стои зад авионската несреќа нарекувајќи ги „апсолутна лага“, а рускиот претседател во видеообраќање до јавноста, еден ден по несреќата, изрази сочувство до семејствата на загинатите, а шефот на „Вагнер“ го опиша како „талентиран бизнисмен“, но и како „човек со тешка судбина кој правел големи грешки во животот“.