Пендаровски посочил дека треба што поскоро да се најде решение за овие предизвици во рамки на законските процедури и регулативи

Претставници на Програмскиот колегиум на Младинскиот културен центар (МКЦ) го информирале претседателот Стево Пендаровски за последните случувања со институцијата.
Тие денеска биле на средба во претседателскиот кабинет на која зборувале за скратениот буџет од Град Скопје и за назначувањето на нов директор од страна на градоначалничката Данела Арсовска.
„Претставниците на Програмскиот колегиум го запознаа претседателот Пендаровски со последните случувања во Младинскиот културен центар. Тие појаснија дека со доделениот буџет од Градот Скопје за 2023 година ќе се нанесе непоправлива штета на институцијата и дека со тоа целосно ќе се загрози програмското функционирање на МКЦ, како и функционирањето на ансамблите кои дејствуваат во установата и фестивалите со долгогодишна традиција. Претставниците на Програмскиот колегиум од МКЦ информираа и за процесот за назначувањето на в.д. директор во институцијата, кое според нив се случило со намерно заобиколување на пропишаните законски процедури и побараа поддршка од Претседателот за нивното барање – законски и отворен конкурс за директор на МКЦ“,
соопштија од кабинетот на претседателот.
Пендаровски, пак, додаваат, посочил дека треба што поскоро да се најде решение за овие предизвици во рамки на законските процедури и регулативи.
Случувањата со МКЦ беа причина вчера да се организиран и музички настан на кој настапија 10-ина солисти и бендови, а на кои културните работници го искажаа својот револт кон градските власти.
Минатата среда (18 јануари) од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска објавија дека неколку градски институции добиле нови раководства меѓу кои и МКЦ на што истиот ден реагираше и Програмскиот колегиум.
Од Програмскиот колегиум реагираа дека МКЦ повторно е мета на партиски игри и рекоа дека досегашниот директор, Ванчо Богоев, е разрешен бидејќи не сакал да потпише за вработување на Бени Шаќири во МКЦ, за што трпел и притисоци од генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров.
Новиот в.д. директор, Никола Алексов, реагираше Програмскиот колегиум, е дипломиран детектив, бил примен во МКЦ преку Агенцијата за привремени вработувања два дена пред да биде назначен на функцијата и нема никакво искуство и заднина во културата.