На кандидатите кои се изјаснија против војната во Украина им беше забрането да се кандидираат. Изборните набљудувачи од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) не беа поканети да ги набљудуваат изборите
Во Русија од утрово започна тридневното гласање за избор за претседател на државата. Како што пренесуваат странските медиуми, се прогнозира дека тридневните претседателски избори со сигурност ќе му донесат на досегашниот претседател Владимир Путин уште еден шестгодишен мандат на власт бидејќи нема вистински противници.

Гласањето во Русија започнало со отворање на избирачки места на рускиот Далечен Исток. Изборите во земјата што опфаќа 11 временски зони ќе траат до недела вечер. Последните избирачки места во Калининград на Балтичкото Море се затвораат во 20 часот по локално време.
Руските државни агенции за истражување на јавното мислење веќе прогнозираа дека 71-годишниот Путин, кој е на власт речиси четвртина век и бара петти мандат, ќе добие повеќе од 80 отсто од гласовите.
Тоа, според анкетите, би бил неговиот најголем резултат досега.
Путин има тројца формални ривали, што на изборите им дава привид на кредибилитет. Но, тие не само што немаат шанса, туку имаат и про Кремљ политички ставови и во суштина го поддржуваат Путин.
На кандидатите кои се изјаснија против војната во Украина им беше забрането да се кандидираат.
Изборните набљудувачи од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) не беа поканети да ги набљудуваат изборите.
Московските медиуми проценуваат дека бројот на гласачи во Русија е 112 милиони, но таа бројка всушност вклучува 4,5 милиони луѓе во окупираните делови на украинските региони Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон. Покрај тоа, два милиони Руси кои живеат во другите земји, исто така, имаат право на глас.