„Зборуваат дека Русија планира да ја нападне Европа, а ние самите знаеме дека тоа е глупост. Веќе зборуваат и за испраќање војници во Украина. Треба да знаат дека Русија има оружје што може да уништи цели и на нивните територии. Треба да бидат свесни дека таквите акции предизвикуваат нуклеарен конфликт. Изгледа дека не се свесни оти такво нешто може да доведе до крај на човештвото. За нив сето тоа е како во цртаните филмови“, вели рускиот претседател
Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Сојузното собрание ѝ се обрати на нацијата токму на две недели пред изборите. Последен пат им се обрати на граѓаните на Русија на 23 февруари 2023 година, кога објави дека неговата земја го суспендира договорот за нуклеарно оружје. На почетокот на говорот најави дека ќе ги изнесе главните задачи за следните шест години, пренесува Би-би-си.
Путин ја претставува својата визија за тоа што ја чека Русија во пресрет на претседателските избори на 17 март, во време кога руската армија постигнува значителни успеси во специјалната операција, но и додека нови закани за земјата доаѓаат од Запад. Да потсетиме, САД пред една недела воведоа санкции против 500 поединци и организации, а ЕУ воведе 13-ти пакет рестриктивни мерки.
На почетокот од говорот Путин беше пречекан со аплауз. Веднаш потоа рече дека овој негов говор и обраќање е поглед кон иднината.
Тој посочи дека секое обраќање до Сојузното собрание е поглед во иднината.
„Почитувани граѓани на Русија, овој говор е за иднината. Денеска нема да зборуваме само за тоа што ќе се случи утре, туку и за иднината, за напредокот на нашата земја. Ви благодарам за големата поддршка поради специјалната воена операција во Украина. Целата нација ги поддржува и им благодари на нашите паднати херои во рововите. Западот има тенденции да нè колонизира и да ја уништи Русија. Соединетите Американски Држави сакаат да предизвикаат поделба во нашето општество“,
рече Путин.
Според него, Русија се соочува со големи предизвици кои можат да ги надминат само ако се држат заедно.
„Можеме да направиме сè заедно. Токму така не само што ја одбивме глобалната епидемија, туку и денес кога нашата земја го брани својот суверенитет и безбедност и ги штити луѓето во Донбас и Новоросија“,
вели тој.
Тој им се заблагодари на сите кои сега се борат за интересите на татковината и секојдневно си ги ризикуваат животите.
„Целата нација се поклонува пред вашиот подвиг. Русија ќе се сеќава на своите херои“,
рече рускиот претседател.
Веднаш потоа повика на едноминутно молчење.
Како што е вообичаено со обраќањата на Путин, според Би-би-си, Путин секогаш ја користи можноста да го критикува Западот.
Тој во говорот посочил дека Западот сакал да создаде декадентна држава, но наместо тоа, тие изгубиле. Потоа Путин продолжува да ја фали Русија и нејзиниот народ, велејќи оти има вековно единство што создало непобедлива сила.
Тој вели дека Русија е столб на демократијата и оти нема да дозволи никому да се меша во нејзините внатрешни работи.
На почетокот на обраќањето, Путин рече и дека од почетокот на инвазијата во Украина, руските бизнисмени и граѓани донирале милиони рубљи за волонтерите, кои ги снабдуваат руските војници со најнова воена опрема.
Според него, се покажало дека руската армија е преплавена со корупција и не е опремена со основни работи, како на пример модерни комплети за прва помош.
„Повеќето единици, исто така, немаа сигурни системи за комуникација – да не зборуваме за покомплицирани парчиња воен комплет. Ова директно влијаеше на руските перформанси на фронтот, што доведе до значителни загуби на персоналот“,
рече тој.
Сепак, според него, борбените способности на руските вооружени сили се многукратно зголемени, а руските сили самоуверено напредуваат и ослободуваат територии во сите правци.
„Русија не ја започна оваа војна (во Украина), но ќе направиме сè за да го искорениме нацизмот и да го заштитиме суверенитетот на нашите граѓани“,
вели Путин.
Путин продолжи да зборува за војната во Украина и посочи дека Западна Русија мора да биде соодветно заштитена по проширувањето на НАТО со Шведска и Финска, додавајќи дека силите на НАТО подготвуваат напад на руска територија, користејќи ги, како што рече, најефикасните сили за тоа.
Коментирајќи ја изјавата на францускиот премиер Емануел Макрон дека земјите кои обезбедуваат помош за Украина не треба да ја исклучат можноста да испратат свои војници во Украина, Путин рече дека последиците за оние што ќе пристигнат на фронтот, како што вели, можат да бидат трагични.
„Зборуваат дека Русија планира да ја нападне Европа, а ние самите знаеме дека тоа е глупост. Веќе зборуваат и за испраќање војници во Украина. Треба да знаат дека Русија има оружје што може да уништи цели и на нивните територии. Треба да бидат свесни дека таквите акции предизвикуваат нуклеарен конфликт. Изгледа дека не се свесни оти такво нешто може да доведе до крај на човештвото. За нив сето тоа е како во цртаните филмови“,
рече Путин.
Тој изјави дека стратешките нуклеарни сили на Русија се во состојба на готовност и додаде дека хиперсоничниот ракетен систем „Циркон“ веќе е користен во борба. Тој изјави дека се користи и хиперсоничен систем „Кинжал“.
Потоа, рускиот претседател го насочи својот говор кон односите со САД. Оцени дека Вашингтон презема отворени непријателски акции, обидувајќи се да ѝ нанесе стратешки пораз на бојното поле на Москва.
„Западот сака, исто како Украина, да ни донесе раздор и да не ослаби однатре. Но, тие погрешно пресметаа, наидоа на цврстиот став и одлучноста на нашиот мултинационален народ. Претставниците на различни етнички групи, култури и религии на дело демонстрираа дека единството на рускиот народ е колосална сила што освојува сè“,
вели тој.
Путин вели дека САД се заинтересирани да преговараат само кога имаат јасна корист. Пред претстојните избори во САД, кои ќе се одржат нешто кон крајот на оваа година, Путин вели дека американските политичари сакале да им покажат на гласачите дека тие сè уште владеат со светот.
Според него, Русија е најголемата економија во Европа.