Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, е оптимист дека ќе се формира нова Влада и пред истекот на 20-те дена по доделувањето на мандатот. Во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5, Гаши рече и дека очекува нивната коалиција со Алијансата за Албанците да биде дел од неа.
Според него, важно е Албанците да имаат здрава опозиција, а тоа би биле или тие како коалиција или ДУИ. „Затоа ние не можеме да бидеме дел од иста влада со ДУИ овој пат“, посочи Гаши.
Тој зборуваше и за најавите дека може да има широка Влада со сите албански партии за што наведе дека многу е битно тие од мандатарот да добијат понуда и да преговарат за програмата и форматот.
„Ние не сакаме да бидеме дел од Влада со каква било политичка партија. Кога ќе дојде на маса таа понуда, програмата и форматот, тогаш би имале јасен одговор. Нашиот дел е кажан, јасно сме кажале кои се нашите позиции. Коректно сме позиционирани и во однос на ДУИ и во однос на македонските политички партии, не сакаме никого ниту да фаворизираме, ниту да хендикепираме“,
истакна Гаши.
За него многу е важно формирањето на Владата да биде засновано на легитимет. Рече дека поради исходот од изборите, им дозволиле на ДУИ да преговараат за Влада. Смета дека ДУИ нема да отстапи од своето барање за премиер на државата да биде Албанец.
„На изборите, во албанскиот дел зборувам, имаше два концепти. Првиот беше за премиер Албанец, а вториот беше – држава за сите. Ние направивме програма, излеговме пред граѓаните со нашата понуда. Ние тогаш кажавме дека тоа е маркетиншки трик и дека тоа е неизводливо сега во моментов и не само што не е изводливо, туку и не е некој голем интерес на Албанците“,
рече Гаши.
Делот со бројките за создавање на владата, посочи, е одговорност на мандатарот.
„Ние сме тука и чекаме ако имаме понуда да бидеме дел од Владата. Нормално, ние би влегле и би преговарале ако ДУИ не успеат со премиерот, тогаш ние би ги почнале преговорите за нашата програма. Делот со бројките за создавање на Владата е одговорност на мандатарот. Тоа е одговорност на тој што победил на изборите. Ние во овој дел не би можеле да помогнеме. Единствено што може да направиме е да ги понудиме нашите пратеници да гласат за Влада за која мислиме и веруваме дека ќе биде во интерес на граѓаните”,
изјави Гаши.
Прашан дали може Алтернатива да се договори за влада без Алијанса за Албанците, Гаши рече дека тоа не може да се случи.