Одговарајќи на новинарско прашање дали смета дека јавноста е задоволна од овој предмет бидејќи не се доби одговор каде завршиле сите 1,5 милион евра, обвинителката Вилма Русковска рече дека тоа треба да го каже јавноста, а нејзиното лично убедување е оти најголем дел од парите завршиле кај Јовановски и Јанева
Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева се прогласени за виновни во случајот „Рекет“. Јовановски доби затвор од 9 години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева 7 години за злоупотреба на службената положба и овластување.
Пресудата предмалку ја соопшти судечкиот совет на чело со судијката Васка Николовска-Максевка. Таа е првостепена, а странките имаат право на жалба до повисокиот суд – Апелација. Рокот за жалби е 15 дена, а откако ќе се произнесе Апелацискиот суд, тогаш пресудата ќе стане правосила доколу ја потврди одлуката, но може и да го врати предметот на повторно судење.
Покрај затворските казни, во пресудата има одлука и за конфискација на запленетите работи од Јовановски, меѓу кои имаше 70-тина вреќи брендирана облека, уметнички слики, мебел … Што точно ќе биде конфискувано, ќе биде наведено во писмената пресуда.
Пресудата од прв ред ја слушнаа обвинителката Вилма Русковска, обвинетиот Бојан Јовановски и адвокатите, додека Катица Јанева од семејни и здравствени причини побарала да не биде спроведена. Сопругата на Орце Камчев, Ана, пак, ја слушаше од последен ред.
Истрагата за случајот „Рекет“ обвинителката Вилма Русковска ја отвори на 15 јули лани, кога беше уапсен и Јовановски, кој од тогаш се наоѓа во притвор во затворот во Шутка. Катица Јанева, пак, стана осомничена на 21 август 2019. Таа помина неколку месеци во Шутка, а од ноември минатата година се наоѓа во домашен притвор.
*Поврзана вест: Што тврдеше Русковска, а што обвинетите за парите од „рекетот“?
Русковска го поднесе обвинението во октомври лани, а судскиот процес започна на 3 декември 2019. Со Јовановски и Јанева на обвинителка клупа седеше и Зоран Милески-Кичеец, обвинет за примање награда за противзаконито влијание, но само на првото рочиште бидејќи призна вина и веќе наредниот ден (4 декември 2019) доби затворска казна од три години.
Судскиот процес понатаму продолжи со сведочењето на Орце Камчев и неговата сопруга Ана Камчева, од кои во обвинителниот акт се тврди дека земале 1,5 милион евра за бизнисменот да добие подобар третман во случајот „Империја“ каде е осомничен. Следеа и сведочења на други бизнисмени, соработници и блиски луѓе на Јовановски, обвинители на СЈО… И обвинителството и одбраната ги изведоа своите материјални докази, а на последните рочишта обвинителката, двајцата обвинети, Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева, и нивните адвокати ги дадоа и свои завршни зборови. Јавноста, пак, немаше можност да го слушне сведочењето на Кичеец, кој често беше споменуван во текот на судењето, но не беше предложен за сведок. Тој во моментов чека одлука од Апелација каде се жалеше за висината на казната.
Денеска при образложувањето на пресудата, судијката Васка Николовска – Масевска рече дека врз основа на доказите судечкиот совет одлучил дека двајцата обвинети се виновни наведувајќи дека Јовановски заедно со Кичеец ги убедиле Камчеви за влијанието кое го имал Боки врз тогашната специјална обвинителка, а таа пак, го прифатила влијанието и како службено лице ја искористила својата положба и овластувања.
Според обвинението, а сега и според пресудата, откако во ноември 2018 била отворена истрагата „Империја“ на СЈО, Јовановски со Кичеец договорил средба со Ана Камчева во неговата канцеларија во 1ТВ. Откако таа обезбедила 500 000 евра, Јанева дала предлог мерката притвор да се укине и замени со куќен притвор. Понатаму, според судот се докажало дека откако бизнисменот излегол од притвор, преговорите продолжиле и Јовановски барал 8 милиони евра во случај Врховниот суд да одлучи дека СЈО е надлежно за „Империја“. Доколку не и предметот завршу5во рацете на редовното обвинителство, тогаш барал 5 милиони евра, а за возврат Јанева ќе му ја олесни положбата на бизнисменот односно ќе му даде својство на заштитен сведок или ќе склучи спогодба. Се барале прво, рече судијката, 1 милион евра, со кои Камчев требало да доие пасош, а останатите 4 требало да се дадат на рати во наредните месеци.
Боки во притвор во Шутка, Јанева во куќен притвор
Откако ја слушна пресудата, Јовановски порача дека ова е политичка одлука. Судот на барање на обвинителството одлучи тој да остане во притвор во Шутка. На 1 јули тој повторно ќе седне на обвинителна клупа за делата измама и перење пари во предметот кој се однесува на неговата невладина организација Меѓународен сојуз – Скопје.
Јанева, пак, ќе остане во куќен притвор. И за неа Русковска бараше да се врати во затворот во Шутка зошто рече може да избега поради висината на казната и поради тоа што се води предистрага за злоупотреба на службената положба која сè уште е во рана фаза и дополнително треба да се утврди дали има кривично дело и кој го сторил.
Странките (не) се изненадени од одлуката
По соопштувањето на пресудата, обвинителката Вилма Русковска рече дека за Катица Јанева очекувала затворската казна да се движи од 7 до 8 години, но за Бојан Јовановски не очекувала дека ќе добие помалку од 10 години затвор. Таа најави жалба до Апелација.
Русковска не кажа дали смета дека ги задоволила очекувањата на јавноста од овој предмет, со оглед на тоа што не се докажа каде завршиле сите 1,5 милион евра.
„Дали ги задоволив очекувањата, треба да каже јавноста. Сметам дека најголемиот дел завршиле кај Бојан Јовановски и Катица Јанева. Тоа е мое лично убедување”,
рече Русковска.
Жалби ќе поднесат и обвинетите со нивните адвокати.
Адвокатот на Боки, Сашко Дукоски, не е изненаден и рече дека од самиот почеток очекувал ваква брутална казна за овој, според него, конструиран случај.
Бранителите на Јанева, Ирена Фрчкоска и Дељо Кадиев, пак, рекоа дека се разочарани од висината на казната и нагласија дека остануваат на ставот оти во овој предмет докази за кривично дело од страна на нивната клиентка, не се презентираа.
*Прочитајте што порачаа обвинителката и обвинетите со нивните адвокати на рочиштата за завршни зборови:
Боки 13: Ако заиграат црвените телефони може да добиеме и драконски казни
Јанева: Како баница го распарталивме обвинението на Русковска, не дојде за да не се црви
Одбраната на Јанева за Камчев: Дали нападот е најдобра одбрана?
Кадиев: На снимките од телефонот на Боки не се гледа ни давање ни земање пари