Одбраната во случајот „Рекет“ утрово започна со давање на своите заврши зборови. Прв во судницата настапи адвокатот Сашко Дукоски, кој е бранител на првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13.
Тој изнесе низа критики за обвинителството дека немало докази, презентација на аргументи и на вештачења, а ја напаѓаше и измената на обвинителниот акт која ја направи Русковска на минатото рочиште.
Дукоски рече се шокирал кога видел дека измената е направена во делот за кривичното дело перење пари и со измената се наведува дека Боки перел пари од ноември 2017 до приведувањето во јули 2019 година, па се прашуваше како е можно тоа кога другото дело за примање награда од противзаконито влијание, односно земањето пари од Орце Камчев било во периодот од ноември 2018 до април 2019 година.
„Па Худини не го може ова. Не е смешно, 10 месеци е во притвор. Ова е правен нонсенс, незабележан во историјата на оваа држава, уште од 1945 досега. Како може да трошел пари од 2017 година, кога истрагата за ‘Империја’ е од 9 ноември 2018 година. Како е можно? Јас сум глуп, ајде нека ми објасни некој“,
рече Дукоски.
Адвокатот продолжи да ги анализира доказите еден по еден, па меѓу првите на кои се задржа се и видеоснимките од Орце Камчев кои излегоа на „Ла Верита“, а на кои се гледа броење на пари, а потоа и Боки и Зоран Милески-Кичеец како со чанта „луј витон“ излегуваат од домот на бизнисменот. За Дукоски е спорно дали во чантата имало еден милион евра, што го оспоруваше со податоци од Европската централна банка за тежината и волуменот на банкнотите. Податоците од оваа банка, рече тој, кажуваат дека еден милион евра во банкноти од по 50 евра тежи 22 килограми и потребно е да „биде сместен во неконвенционално огромен куфер”.
„Ако 80 проценти, како што кажа Камчев, од сумата од еден милион евра се во банкноти од по 50 евра заедно со останатите банкноти до еден милион, тие би тежеле 18,5 килограми. Каков и да си бодибилдер, 18,5 кг не се носат така како што наводно ги носи Милески на снимката“,
рече адвокатот.
Тој имаше забелешки и за тоа што воопшто не е снимено примопредавањето на парите, за што, според одбраната, нема докази.
Неговите завршни зборови се во тек, а потоа своите треба да ги каже и Бојан Јовановски, како и Катица Јанева и нејзините адвокати.
Обвинителката Вилма Русковска заврши зборови даде минатото рочиште на 26 мај.
По завршните зборови, ќе треба да се закаже уште едно рочиште за изрекување на пресудата.
Судскиот процес пред првостепениот суд во Скопје започна на 3 декември лани. Со Боки и Јанева на обвинителна клупа тогаш седна и Зоран Милески-Кичеец за примање наградата за противзаконито влијание, но тој призна вина и веќе наредниот ден доби затворска казна од три години. Неговата пресуда сè уште не е правосилна бидејќи за тоа неа треба да се изјасни и Апелација до каде што тој заедно со својот адвокат има поднесено жалба за висината на казната.