Тројцата вработени во МВР се гонеа за делото злоупотреба на службената положба и овластувања за нелегално издавање пасоши во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година
За да ги издадат пасошите, според ОЈО Скопје, обвинетите користеле идентитети на македонски државјани што досега не ваделе македонски пасоши, а се иселени од земјава или од раѓање живеат во странство и никогаш не оствариле влез во Македонија
Кривичниот суд Скопје ги прогласи за виновни Фарук Буки, Весна Колевска и Бранислава Шпишиќ, обвинети во случајот „Двојник“ за нелегално издавање пасоши во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година. Обвинетиот Буки е осуден на три години затвор, додека на обвинетите Колевски и Шпишиќ им изрече условни казни од една година затвор во случај да го повторат кривичното дело во следните три години.
Застапникот на обвинението Спасенка Аднонова, по објавување на пресудата, предложи да се продолжи мерката притвор за обвинетиот Буки. Воедно, таа побара да продолжат и мерките за претпазливост за обвинетите Колевска и Шпишиќ.
Тројцата вработени во МВР се гонеа за делото злоупотреба на службената положба и овластувања.
Судскиот процес го водеше судијката Оља Ристова, а денешната пресуда не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје.
Судскиот процес „Двојник“ започна со 11 обвинети, но тројцата вработени во МВР кои денеска ја слушнаа пресудата беа единствените кои останаа до крај. Од останатите, на првите рочишта седум лица признаа вина, додека за една обвинета, поради здравствени причини, се раздвои предметот, но и таа преку нејзиниот адвокат најави дека ќе признае вина.
Од седуммината што признаа шестмина добија затворски казни, а еден условна. Меѓу оние што признаа вина беше и посредникот Раиф Мифати, кој се гонеше за поттикнување. Вработени во МВР, пак, добија и забрана за извршување професија и дејност во времетраење од 10 години.
Затворските казни кои беа изречени од првостепениот суд се движат од 1 година и 7 месеци до 2 години и 7 месеци.
- Пресуда за пасошите во „Двојник“: Една условна и четири затворски казни за обвинетите што признаа вина
- „Двојник“: 1 година и 7 месеци затвор за обвинетиот што денеска призна вина за пасошите
- „Двојник“: 2 години и 5 месеци затвор за седмата обвинета која призна вина
Обвинителниот предлог за овој случај беше поднесен на 14 април. Информации за оваа афера во јавноста на почетокот на април објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по што наредниот ден следуваше и акцијата на МВР од каде го обвинија Христијан Мицкоски за саботажа на истрагата. Од МВР тогаш соопштија дека во истрагата која траела околу една година се координирале со Канцеларијата за истраги на Амбасадата на САД и Интерпол.
Пасоши добиле 214 странци барани со потерници
Според информациите кои ги сподели обвинителството кога го поднесе обвинителниот акт, но и во воведните зборови, пасошите се издавале во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година. Им биле издадени македонски патни исправи на 214 странски државјани барани со потерници и на еден македонски државјанин, за кој претходно министерот Оливер Спасовски посочи дека станува збор за избеганиот ексначалник на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски.
Обвинетите издавале пасоши бидејќи, според Обвинителството, имале материјална корист за која обвинителката Спасенка Андонова во воведните зборови рече дека не располагаат со точни информации за сумата со која се стекнале.
За да ги издадат пасошите обвинетите, според ОЈО Скопје, користеле идентитети на македонски државјани што досега не ваделе македонски пасоши, а се иселени од земјава или од раѓање живеат во странство и никогаш не оствариле влез во Македонија.
Со податоците од овие македонски државјани и фотографија од странците што ги добивале пасошите, обвинетите ги изработувале преку системот на МВР.
„Тие баратели имале намера да ги употребат нелегалните македонски пасоши при премин на државни граници, легитимирајќи се со македонската патна исправа и прикривајќи го својот вистински идентитет“,
рекоа од ОЈО Скопје при поднесувањето на обвинението.
Тогаш исто така немаа информации каде и колку често бараните криминалци ги користеле македонските пасоши, но, како што соопштија, го задолжиле МВР преку своите инструменти во државата и во странство да провери и сето тоа да го документира со писмени докази.