Од АМСМ велат дека патот е блокиран од 8:15 часот утринава и тоа за сите видови моторни возила

Патот Куманово-Свети Николе, кај селото Скачковце, е блокиран откако камион се излизгал на коловозот. Од фотографијата што ја споделуваат повеќе медиуми може де се види дека излизганиот камион се има извртено и застанал попречувајќи го патот.
Од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), информираат дека од 08:15 часот патот е блокиран во близина на бензинска пумпа кај селото Скачковце и тоа за сите видови на моторни возила поради претходно пријавена сообраќајна незгода на товарно моторно возило излетано од пат.
Засега нема информации за причините за излизгувањето на камионот и за евентуално повредени лица.
Инцидентот се има случено во услови на снежни врнежи поради што на одделни патни правци има воведено и забрана за движење на тешки товарни возила.
Според последните информации од АМСМ, забрана за движење на камиони има на делниците Маврово-Дебар, Крива Паланка-граничен премин „Деве баир“ и Битола-Прилеп кај преминот Ѓавато.
Од АМСМ велат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од снег се бележат на повисоките делови од државата, додека на пониските места врнежите се со послаб интензитет.
Од Јавното претпријатие „Македонија пат“ велат дека дежурните екипи се постојано на терен и ги одржуваат проодни сите патни правци.
Од АМСМ и од „Македонија пат“ апелираат за внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.
