Обвинителството засега нема информации каде и колку често бараните криминалци ги користеле македонските пасоши, но го задолжиле МВР преку своите инструменти во државата и во странство да провери и сето тоа да го документира со писмени докази. Исто така до МВР е издадена и наредба да се утврди кои организациски единици според хиерархија требало да вршат надзор, како и кој сè од структурите во Министерството, освен обвинетите, имаат пристап до податоците кои биле злоупотреби
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе обвинителен предлог за случајот „Двојник“ против 11 лица за нелегалното издавање пасоши на странки државјани со злоупотреба на идентитет на македонски државјани кои досега не ваделе патни исправи од земјава. Паралелно, истрагата ќе продолжи за вмешаност на други лица од МВР и издадени се наредби да се утврди хиерархиската поставеност и кој се имал пристап до злоупотребените податоци.
Од обвинетите 11 лица, десетмина вработени во Одделението за управни работи во МВР се товарат продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, додека посредникот Раиф Мифтари, кој е во бегство, е обвинет за поттикнување.
Според ОЈО Скопје, пасошите се издавале во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година. Биле издадени пасоши на 214 странски државјани и на еден македонски државјанин, за кој претходно, министерот Оливер Спасовски посочи дека станува збор за избеганиот ексначалник на Петата управа во УБК, Горан Грујевски.
Нема информации кога и колку често се користеле пасошите
Обвинетите издавале пасоши бидејќи имале материјална корист, но во соопштението од обвинителството не се наведува по колку пари зеле за патните исправи.
Тие, според ОЈО Скопје, користеле идентитети на македонски државјани кои досега не ваделе македонски пасоши, а се иселени од земјава или од раѓање живеат во странство и никогаш не оствариле влез во Македонија.
Со податоците од овие лица и фотографија од осомничените странците кои ги добивале пасошите, обвинетите ги изработувале преку системот на МВР. Странците кои ги добивале патните исправи се лица кои се бараат со меѓународни потерници, но благодарение на македонските пасоши со туѓ идентитет тие можеле слободно да се движат.
„Тие баратели имале намера да ги употребат нелегалните македонски пасоши при премин на државни граници, легитимирајќи се со македонската патна исправа и прикривајќи го својот вистински идентитет“,
велат од ОЈО Скопје.
Меѓутоа, обвинителството засега нема информации каде и колку често бараните криминалци ги користеле македонските пасоши, но го задолжиле МВР преку своите инструменти во државата и во странство да провери и сето тоа да го документира со писмени докази.
Термин за сликање со заобиколување на стандардната постапка
Во соопштението од ОЈО Скопје се наведува дека пасошите биле издавани на тој начин што се заобиколувалa постапката предвидена во Законот за патни исправи на државјани на РМ, и термините за сликање биле закажувани без да се прават проверки.
„Пасошите во најголем број случаи биле издавани без закажан термин за фотографирање преку систем ’Симболико‘, без проверка на идентитетот на подносителот на барањето со постоечките податоци во централниот систем, спротивно на Упатството за земање на биометриски податоци и приложени докази и соодветност на податоците кон барањето, без почитување на предвидените рокови за изработка и издавање на патни исправи и утврдување на идентитетот на подносителот на барањето“,
велат од ОЈО Скопје.
Што понатаму
За обвинителниот предлог сега ќе треба да се изјасни Основниот кривичен суд во Скопје, а исто така, треба да се донесе и одлука за мерките на претпазливост.
Обвинителството бара да се продолжи притворот за седуммина од обвинетите, меѓу кој е и избеганиот Мифтари за кого мерката ќе стапи на сила кога ќе биде достапен на органите на прогонот. За останатите тројца, пак, има мерки на претпазливост, како одземање пасоши и забрана за напуштање на живеалиштето.
Покрај ова, обвинителството најавува дека го истражува случајот и понатаму за да се открие евентуална вмешаност на повисоки структури во МВР.
„Надлежниот јавен обвинител до МВР издаде наредба за да се утврди кои лица во организациските единици на Министерството, според хиерархиска поставеност, биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучувајќи ги и наведените спорни пасоши, во целиот критичен период. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци (имиња, ЕМБГ и адреси) на државјани на Република Северна Македонија кои немаат извадено патни исправи“,
велат од ОЈО Скопје.