Мандатот на Владата не е поврзан со гласањето на уставните измени, вели Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски не размислува да поднесе оставка доколку власта не успее да ги направи уставните измени до ноември годинава. Уставните измени за процесот за членство во ЕУ, како што вели тој, не се само обврска на Владата туку на сите.
„Не размислувам бидејќи Владата има свои ингеренции во однос на управување со државата, а обврска за уставни измени е двотретинско мнозинство – тоа е обврска не само на Владата туку на сите политички и општествени чинители во државата, тоа е обврска на секој пратеник да донесе одлука за иднината на граѓаните бидејќи нашите граѓани сакаат и заслужуваат европска иднина“,
рече Ковачевски.
Мандатот на Владата, вели премиерот, не е поврзан само со гласањето на уставните измени.
„Мандатот на Владата не е поврзан со гласањето на уставните измени, туку оваа влада ќе покаже дека имаме парламентарно мнозинство кое е проевропско и се надевам дека опозицијата на крајот ќе донесе одлука со која ќе се приклучи кон европскиот блок бидејќи обврска и на опозицијата е да носи одлуки кои се од интерес за граѓаните, а врвен интерес за граѓаните е влегување во ЕУ. Патот значи реформи, унапредување на сите системи и области во општеството бидејќи гледавме дека самите 11 години ниту имавме зголемен БДП ниту развој на економијата. Ние денес со влегувањето во НАТО имаме зголемен број на странски инвестиции, работници во странски компании и тие работници преку своите работни места ги плаќаат платите на јавниот сектор. Тоа се најдобрите аргументи зошто државата треба да стане членка на ЕУ бидејќи ги заштитивме и јазикот и идентитетот и сега ни остануваат одлуки кои се однесуваат на исполнување на обврските од преговарачката рамка“,
рече премиерот.
Пораките тој ги испрати одговарајќи на новинарски прашања по средбата со владините коалициски партнери, а по која рече дека коалицијата е стабилна и обединета за членството во ЕУ. Слични пораки за европскиот пат на земјава, Ковачевски испрати и по вчерашниот состанок на Централниот одбор на СДСМ.
На опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, и денеска и вчера ѝ порача дека за многу брзо време ќе мора да одлучи дали ќе се приклучи кон европскиот блок или ќе остане во заложништво на Левица.