Со коалициските партнери се сложивме дека заедничка цел е земјата да оди напред и да се движи со демократскиот и прогресивниот свет. Нашата цел е полноправно членство во ЕУ до 2030 година и во оваа цел не поддржуваат и нашите стратешки партнери, рече премиерот
Полноправното членство во ЕУ до 2030 година, според премиерот Димитар Ковачевски, е амбициозна, но достижна цел.
„Оваа владина коалиција е стабилна и силно обединета и ќе ја оствари таа цел“,
рече Ковачевски по денешната средба со коалициските партнери.
Денеска, како што рече Ковачевски, со коалициските партнери се сложиле дека заедничка цел е земјата да оди напред и да се движи со демократскиот и прогресивниот свет, а во оваа цел не поддржуваат и нашите стратешки партнери.
„Денес кога е повеќе од кога било досега важно Европа да остане обединета целосна, слободна и во мир со нашите стратешки партнери се согласивме дека истото не е можно без интеграција на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан во европското семејство. Токму затоа евроатлантската интеграција на Северна Македонија и нејзиниот демократски развој, безбедност и стабилност се особено важни за нашите стратешки партнери САД“,
додаде Ковачевски.
Продолжувањето на европскиот пат, според Ковачевски, е историска шанса која, како што рече, не е сигурен дека ќе ја добиеме повторно и која треба да се искористи сега и веднаш.
„Ние поминавме 11 години во барање на алтернативни начини за развој на државата и приклучување кон евроатлантските интеграции. Тие 11 години на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека државата единствено заврши во ќор сокак и во изолација. Сега кога државата веќе има донесено низа тешки одлуки, благодарение на оваа Влада, кога е членка на НАТО, кога претседава со ОБСЕ, кога сме земја признаена од целата меѓународна заедница како земја фактор на стабилност на Балканот, која од земја корисник на мировни мисии, стана земја во која што се водат мировни преговори и шансата мора да ја искористиме“,
додаде Ковачевски.
Премиерот повторно рече дека ВМРО-ДПМНЕ многу брзо ќе мора да одлучи дали ќе се приклучи на европскиот блок или ќе остане во заложништво на Левица.
„Треба да одлучат дали ќе го фатат последниот воз и ќе се приклучат на проевропскиот блок кој неминовно оди и носи одлуки за приклучување на Северна Македонија во ЕУ“,
додаде Ковачевски.
Во тој контекст, како што рече Ковачевски, и високиот претставник на САД, Габриел Ексобар, упати јасна порака. Опозицијата не треба да ми даде на мене поддршка, рече премиерот, треба да ја поддржи европската иднина на нашите граѓани, а нашите граѓани сакаат да живеат во ЕУ ама да живеат тука – дома во Северна Македонија земја членка на ЕУ, додаде тој.
Тој ги повика сите партии и општествени чинители на отвореност и политичка одговорност и да се приклучат кон остварување на стратешките цели на државата.
„Опозицијата одбива да се вклучи и во Работната група за подготвување на уставните амандмани исто како што одбија и беа против сите важни процеси во државата. Но, сепак, ја повикувам на отвореност и политичка одговорност и ги повикувам сите партии и општествени чинители да се приклучат кон остварувањето на стратешките цели на државата. Заедно ги донесовме одлуките, заедно да ги донесеме одлуките и заедно да ја обезбедиме европската иднина“,
рече Ковачевски.