Бланш вели дека сè уште се истражува мотивот и оти тоа ќе трае неколку дена

Вршителот на должноста државен обвинител на САД, Тод Бланш, вели дека прелиминарните наоди сугерираат дека напаѓачот на вечерата со новинарите што известуваат од Белата куќа ги таргетирал Доналд Трамп и функционерите во неговата администрација.
Бланш вели дека сè уште се истражува мотивот и оти тоа ќе трае неколку дена.
„Сè уште истражуваме мотив, а тоа е нешто што нужно ќе трае најмалку неколку дена. Веруваме дека тој ги таргетирал функционерите на администрацијата во овој напад, обид за напад, но тоа е повторно, доста прелиминарно“,
вели тој во изјава за емисија на Си-ен-ен.
Според него, меѓу тие службеници „веројатно“ е и американскиот претседател „но сакам да почекам и да не избрзувам со изјавите“.
Бланш рече дека не верува оти осомничениот соработува со истрагата.
Утре ќе биде обвинет на федерален суд за напад врз федерален службеник, пукање од огнено оружје и обид за убиство на федерален службеник, рече Бланш, додавајќи дека не знае дали има поврзаност на Иран со нападот.
„Истражителите веруваат дека осомничениот патувал со воз од Лос Анџелес до Чикаго, а потоа со воз од Чикаго до Вашингтон, пред да се пријави во хотелот каде што се одржала вечерата“,
додаде Бланш.
Тој рече дека истражителите ги испитуваат извештаите дека осомничениот го составил оружјето некаде во хотелот, но дека „не стигнал многу далеку“.
„Едвај го пробил периметарот. И под едвај, мислам за неколку метри“,
рече тој.
Претходно американската телевизија Си-би-ес њуз објави дека напаѓачот на синоќешната вечера со новинарите од Белата куќа во хотелот „Хилтон“ во Вашингтон, кој е идентификуван како Кол Томас Ален од Калифорнија, рекол дека цел му биле функционери од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија беа евакуирани од вечерата со новинарите од Белата куќа во саботата навечер по локално време откако настанот во хотелот „Хилтон“ во Вашингтон беше прекинат поради пукотница.
Поврзани вести:
- (ВИДЕО) Пукање на дописничката вечера во Белата куќа – Трамп е неповреден и евакуиран, осомничениот е во притвор
- Напаѓачот од Вашингтон рекол дека цел му биле функционери од администрацијата на Трамп
- Светски лидери со осуда за инцидентот во Вашингтон: Добро е што сите се безбедни
- (ВИДЕО) Нападот на вечерата во Вашингтон, од која беше евакуиран Трамп, во објави на социјалните мрежи
