„Маж нападна безбедносен контролен пункт вооружен со повеќе оружја и беше соборен од неколку многу храбри членови на Тајната служба. Тој човек додека беше на подот изгледаше мошне злобно“, вели Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп и сопругата Меланија се евакуирани од вечерата на дописниците од Белата куќа во саботата навечер по локално време откако настанот во хотелот „Хилтон“ во Вашингтон беше прекинат поради пукотница.
Од видеата може да се види дека стотици гости се криеја под масите во балската сала додека агенти на американската тајна служба ги извадија новинарите од просторијата.
Џеф Керол од полициската станица „Метрополитен“ изјави дека осомничениот нападнал контролен пункт на американската тајна служба вооружен со пушка, пиштол и повеќе ножеви пред да биде соборен на земја и врзан со лисици.
„Се чини дека вооружениот бил сам“, рече Керол.
Американскиот обвинител за округот Колумбија, во кој се наоѓа главниот град Вашингтон, изјави дека осомничениот е обвинет за кривично дело напад со огнено оружје.
Според информациите што ги пренесуваат светските медиуми, осомничениот за пукањето е идентификуван како 31-годишниот Кол Томас Ален, од Торанс, Калифорнија.
Градоначалничката на Вашингтон, Муриел Баузер, изјави дека осомничениот е префрлен во локална болница за лекарски прегледи.
Претседателот Трамп подоцна рече, „еден полицаец е застрелан, но го спасил фактот што носел очигледно многу добар панцир“. Тој го пофали одговорот на органите за спроведување на законот.
„Маж нападна безбедносен контролен пункт вооружен со повеќе оружја и беше соборен од неколку многу храбри члена на Тајната служба. Тој човек додека беше на подот изгледаше мошне злобно“,
рече Трамп на прес-конференцијата во Белата куќа по инцидентот.
Видеото објавено од Трамп на неговата платформа Трут соушал покажува како некој брзо трча низ безбедносниот контролен пункт, накратко изненадувајќи го безбедносниот персонал пред брзо да го извади оружјето.
Трамп рече дека федералните агенти го пребарале домот на осомничениот вооружен напаѓач во Калифорнија.
Од видеата објавени на социјалните мрежи може да се види дека откако се слушнаа истрелите агентите за безбедност ги турнаа службениците на кабинетот наземи, вклучувајќи го државниот секретар Марко Рубио, секретарот за здравство и човечки услуги Роберт Ф. Кенеди Џуниор и министерот за внатрешни работи Даг Бургум.
Други безбедносни лица упаднаа на сцената и ги евакуираа Трамп и неговата сопруга. Некои од безбедносните лица зазедоа позиции на сцената, насочувајќи го оружјето кон балската сала. Членовите на кабинетот беа евакуирани од местото на настанот еден по еден.
Претседателот рече дека би претпочитал да се врати во балската сала за да го одржи својот говор, но оти гала-свеченоста ќе биде презакажана за 30 дена.
Трамп рече дека Тајната служба завршила подобра работа од обидот за атентат во Батлер во јули 2024 година на митинг на отворено каде што беше пукано на Трамп од 20-годишен маж. Напаѓачот беше убиен од обезбедувањето.
Нешто повеќе од два месеци по пукањето во Батлер, агентите на Тајната служба забележаа маж со пиштол скриен во грмушки во меѓународниот голф-клуб Трамп во Вест Палм Бич, Флорида, додека Трамп беше на теренот. Тоа се сметаше за обид за атентат, а осомничениот е осуден на доживотен затвор.
Вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа се одржува секоја година. На синоќешниот настан присуствуваа многу членови на кабинетот на Трамп и други високи функционери на администрацијата. Вечерата беше закажана во подрумската балска сала на хотелот „Хилтон“.
