Џеф Керол, привремен началник на метрополитенската полиција во Вашингтон, рече дека осомничениот бил вооружен со пушка, пиштол и повеќе ножеви кога се обидел да нападне безбедносен контролен пункт пред вечерата во хотелот

Напаѓачот на синоќешната вечера со новинарите од Белата куќа во хотелот „Хилтон“ во Вашингтон, кој е идентификуван како Кол Томас Ален од Калифорнија, рекол дека цел му биле функционери од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, пишува Си-би-ес њуз.
Во информацијата се додава дека според два неименувани извори, за време на инцидентот биле испукани барем пет до осум истрели.
Џеф Керол, привремен началник на метрополитенската полиција во Вашингтон, рече дека осомничениот бил вооружен со пушка, пиштол и повеќе ножеви кога се обидел да нападне безбедносен контролен пункт пред вечерата во хотелот.
Керол вели дека осомничениот не бил погоден од огнено оружје, туку бил однесен во болница на евалуација каде што е под полициски надзор.
Тој рече дека осомничениот бил гостин во хотелот, но не објасни кога се пријавил или што е пронајдено при претресот на неговата соба.
Тој утре ќе биде изведен пред суд под две обвиненија – употреба на огнено оружје и напад врз сојузен агент со опасно оружје.
Светските медиуми пишуваат дека Кол Томас Ален е 31-годишник од Торенс, Калифорнија.
Си-би-ес њуз пишува дека Ален работел за фирма за подучување во Торенс наречена „C2 Education“. Тој ја добил наградата „Наставник на месецот“ од компанијата во декември 2024 година.
Според медиумот, не е јасно дали сè уште е вработен во компанијата, а образовните власти во округот Торенс во соопштение за Си-би-ес њуз велат дека Ален никогаш не бил вработен кај нив.
Од Калифорнискиот институт за технологија потврдиле дека Ален дипломирал кај нив во 2017 година, но не дале дополнителни детали.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија беа евакуирани од вечерата со новинарите од Белата куќа во саботата навечер по локално време откако настанот во хотелот „Хилтон“ во Вашингтон беше прекинат поради пукотница.
Претседателот Трамп подоцна рече: „еден полицаец е застрелан, но го спасил фактот што носел очигледно многу добар панцир“.
