Одлуката ја донесов внимавајќи, пред сè, на започнатите предмети и обврските преземени со годишниот распоред на судии за 2021 година, вели за „360 степени“ судијата кој сам реши да замине од функцијата во време кога повеќе негови колеги се соочени со разрешување
Повеќе од 15 предмети стојат отворени во различни фази од постапката во Кривичниот суд во Скопје додека судијата што ги води тие случаи, Владимир Туфегџиќ (56), ги пакува „куферите“ и се подготвува да се пресели во адвокатска канцеларија.
По повеќе од 13 години судиски стаж, цело време во Основниот суд „Скопје 1“, каде што едно време беше и судија на претходна постапка, Туфегџиќ реши да замине од функцијата и да ѝ се врати на својата стара професија – адвокатурата, каде што, исто така, претходно помина повеќе од 13 години.
Во својата објава на Фејсбук за оставката што ја поднел во Судскиот совет, Туфегџиќ не наведе попрецизно кои се причините за неговиот потег, кој претставува своевиден преседан, особено во актуелната констелација на односи во правосудството, кога повеќе познати судии се разрешени од функциите, а паралелно тече и процесот што Владата го нарекува прочистување на правосудството.
Исто така, во Кривичниот суд во Скопје, најголемиот основен суд во земјава, во кој се водат и „најжешките“ предмети, како што посочуваат соговорници оттаму, во последните неколку години не се памети судија сам да поднел оставка. Единствено, како што наведуваат, речиси да нема судија кој не претендира за унапредување, главно, во скопскиот Апелациски суд, како следна повисока судска инстанца, што се посочува и како една од причините поради кои во Кривичниот суд моментно недостигаат најмалку десетина судии.
Во својата објава на Фејсбук за оставката до Судскиот совет, Туфегџиќ напиша дека „доколку не се оствари напредувањето во кариерата, како основна цел, мотив и двигател во секоја работа, особено на судиската функција, поради нарушен систем на вредности, тогаш започнува да се губи смислата и мотивот да се продолжи понатаму во истиот амбиент“.
Во изјава за „360 степени“, Туфегџиќ, исто така, не открива повеќе детали околу причините за оставката, ниту дали конкурирал во Судскиот совет за повисока позиција. Единствено вели дека барањето за престанок на судиската функција е негов личен чин, по безмалку 14 години стаж како судија од кариера во Основниот кривичен суд, како истражен судија, судија на претходна постапка, судечки судија во одделението за кривично полнолетни и во одделението за организиран криминал и корупција.
„За моите намери да ја напуштам судиската функција разговарав со претседателот на Кривичниот суд на почетокот на 2021 година. Одлуката ја донесов во време во кое внимавав, пред сè, на започнатите предмети и обврски, преземени со годишниот распоред на судии за 2021 година, особено на моето постапување во предметот ‘Таргет-Тврдина’. Од тие причини побарав од Судскиот совет, на 25.8.2021 година, да престане мојата судиска функција, по мое барање заклучно со 1.12.2021 година, за да не се наруши процесот на работата по предметите чии главни расправи за септември и октомври се закажани во јуни, како и да има доволно време за организација, преземање и продолжување на започнатите постапки во нов судечки состав со годишниот распоред за 2022 година“,
ни изјави Туфегџич.
Тој вели дека во кривичните предмети по кои постапува и кои, како што наведува, согласно законот ќе започнат одново, нема опасност од настапување застареност за кривично гонење.
„Како човек, чија професионална кариера како адвокат и судија трае без прекин 27 години, сметам дека со понатамошниот мој ангажман како дел од угледна адвокатска канцеларија, ќе дадам нов квалитет во судските реформи, особено во делот на напредувањето и кариерата на судиите“,
вели Туфегџиќ.
Тој кон крајот на 2016 година ја повлече кандидатурата за претседател на Основниот суд Скопје 1, пред за в.д. претседателка на судот да биде назначена Татијана Михајлова, а на местото на Владимир Панчевски.
Туфегџиќ тогаш изјави дека процесот за избор на претседател на Кривичниот суд е потполно дискредитиран и компромитиран, со што се доведува во прашање авторитетот и кредибилитетот на кандидатот кој наскоро ќе биде избран за претседател на Кривичниот суд. Околу четири години подоцна, поранешните претседатели на скопскиот кривичен суд Панчевски и Михајлова, се најдоа во групата на судии што ги разреши Судскиот совет, во овие случаи поради злоупотреба на АКМИС.
*ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
Судскиот совет ја разреши врховната судијка Лидија Неделкова
Јово Вангеловски повеќе не е судија, колегите правосилно го разрешија
„Падна“ уште една судијка: Судскиот совет ја разреши Софија Лаличиќ
Од Кривичниот суд, исто така, велат дека предметите што ги води Туфегчиќ не се загрозени со неговото заминување, односно дека станува збор за случаи што главно не застаруваат, така што во донесувањето на пресудата може да учествува и друг судија, без разлика дали ќе се оди на ново судење или на продолжување на постапката. Исто така, посочуваат дека Туфегџиќ вчера доставил службено известување до претседателот на Судот, Иван Џолев, за оставката што ја поднел до Судскиот совет.
Од Основниот суд Скопје 1 посочуваат дека кај Судскиот совет е одлуката дали ќе го разреши Туфегџиќ веднаш или – како што бара тој со оставката – кон крајот на годината. Соговорници од судот, исто така, наведуваат дека дел од предметите Туфегџиќ ги судел во совет со колегата Горан Бошевски, кој неодамна, исто така, беше разрешен од судија, така што тие предмети и така ќе се врателе на почеток. Како пример се посочува случајот „Шпански скали“, каде што Туфегџиќ е претседател на судскиот совет, а Бошевски беше член на советот.
Туфегџиќ ги води и предметите со професорите на Економскиот факултет од Скопје, (каде што досуди и затворски казни, ама процесот е вратен на почеток) и „Спец-каса на УБК“, каде што пресудата е укината и, исто така, треба да почне одново.
Туфегџиќ беше член и во судечкиот совет за еден од најпознатите случаи што ги отвори некогашното СЈО, „Таргет-Тврдина“. Кон крајот на февруари годинава, во судницата во Кривичниот суд, Туфегџиќ ја прочита пресудата за овој случај, за кој поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, доби 12 години затворска казна. Всушност, за случајот кој се однесува на незаконското следење на комуникациите и на уништувањето на опремата на некогашната УБК, судечкиот совет во Основниот кривичен суд пресуди вкупно 55 години ефективен и 10 години условен затвор.