Според премиерот, политиката нема никакво влијание врз процесот на ветинг, со кој веќе се опфатени седум судии и обвинители
Седум судии и обвинители веќе се опфатени со прочистувањето на правосудството, според премиерот Зоран Заев, кој изјави денеска дека процесот веќе се случува и секојдневно сме сведоци на тоа.
Во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24, Заев нагласи дека политиката нема никакво влијание на „ветингот“, затоа што тој процес го водат Судскиот совет и Советот на обвинители, кои одлучуваат колективно, како и Антикорупциската комисија, Финансиската полиција, Управата за јавни приходи…
„Граѓаните очекуваат правда, бидејќи тоа е и една од причините да останат тука. За да имаме добра економија, здравствен систем треба да имаме правда. Затоа направивме сè – покачување на платите, додатоци …и до крајот на 2021 година ќе ги зголемиме буџетите на судовите и на обвинителството, затоа што правдата мора да биде ефикасна, ефективна, транспарентна и одговорна““,
рече Заев.
Премиерот посочи дека нема правда, ако не ја зборувате вистината од почеток до крај, одговарајќи на прашање дали со своето сведочење ги амнестирал учесниците во упадот во Собранието во 2017 година, освен поранешниот премиер Никола Груевски.
Заев рече дека за него е најважно да го раскаже она што навистина се случувало и дека постојат факти за целата организација на овој настан, за што поголем дел од организаторите се веќе осудени и ја одлежуваат затворската казна.