Претседателот на кочанскиот суд Спиро Борисов во изјава за МИА вели дека притворот за Михаилова е одреден поради непочитување на претходно изречените мерки на претпазливост, како одземање патна исправа и забрана за напуштање на државата
Основниот суд во Кочани денеска ѝ одреди 30-дневен притвор на Ива Михаилова. Ваквата одлука е донесена по предлог на кочанското основно јавно обвинителство, еден ден откако бугарските медиуми обзнанија дека таа се наоѓа во Бугарија, иако ѝ беа одземени двата пасоша – македонскиот и бугарскиот, како дел од превентивните мерки кои требаше да спречат таа да ја напушти Македонија, бидејќи против неа се води судски процес за сообраќајна несреќа со смртни последици.

Со ова решение, Михаилова веднаш ќе биде спроведена во ефективен притвор штом ќе биде пронајдена, а во меѓувреме по неа ќе биде распишана централна и меѓународна потерница.
Според претседателот на кочанскиот суд Спиро Борисов, притворот за Михаилова е одреден поради непочитување на претходно изречените мерки на претпазливост, како одземање патна исправа и забрана за напуштање на државата.
Дека Ива Михаилова, жителка на Кочани со македонско и бугарско државјанство, ја преминала македонско-бугарската граница во придружба на адвокатот Николај Димитров од Бугарија вчера утрото објави бугарската БТВ.
Во изјава за медиумот, Михаилова рече дека поради влошената здравствена состојба во која се наоѓа одлучила да замине во Бугарија.
Иако таа во изјавата наведе дека нема ништо нелегално преминувањето на македонско-бугарската граница и оти тоа го сторила со своите документи за лична идентификација, македонските власти вчера соопштија дека Михаилова не била евидентирана ниту од македонската ниту од бугарската гранична полиција при излез од Македонија, односно при влез во Бугарија.
На Михаилова, како што соопштија од Обвинителството, и двата пасоша ѝ биле одземени уште во октомври минатата година, кога учествуваше во сообраќајната несреќа со смртни последици за која ѝ се суди во Кочани.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во извадокот од интервјуто за телевизија Сител, кое ќе биде емитувано денеска во „Дневникот“ во 19 часот, вели дека Михаилова нелегално ја напуштила државата, а во текот на денот по неа ќе биде распишана меѓународна потерница.
„Согласно информациите што ги имам, меѓународна потерница ќе биде распишана денеска, јавното обвинителство побара определување мерка притвор. Доколку судот донесе таква одлука веднаш, Министерството ќе ја процесира преку каналите што ги имаме за меѓународна соработка. Се надевам дека нашиот источен сосед ќе се одважи да ги почитува меѓународните правила, Европската конвенција за човекови слободи и права, сè она што значи нормална европска држава каква Бугарија тврди дека е и суштински и е дел од семејството на ЕУ“,
вели тој.
Тоа Бугарија, како што додаде, треба да го покаже со дела, а не само со декларативни изјави.
