По Беса, можен самостоен настап на претстојните локални избори најави и ЛДП, што, сепак, не би ја загрозило коалицијата на централно ниво
ВМРО-ДПМНЕ три години тврди дека има парламентарно мнозинство, иако и првата интерпелација за член во Владата во овој собраниски состав не го покажа тоа.
Со ваква аргументација, портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, и денеска ја отфрли можноста за промена на распоредот на сили во законодавниот дом, како што веќе подолго време најавува ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние секојдневно укажуваме на фактот дека единственото нешто што го прават ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски во обид да задржат некаква хармонија во партијата е со пласирање на таквите лажни вести и поднесување на неосновани интерпелации.
изјави Костадинов.
Знаеме веќе, сведоци сме дека во јавноста три години најавуваат дека имаат парламентарно мнозинство, еве најавуваа и пред некоја недела, но видовме дека првата интерпелација, која беше за вицепремиерот Никола Димитров, помина неуспешно.Јас тврдам дека мнозинството во парламентот е стабилно и таквите иницијативи на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ќе пропаднат“,
На почетокот на оваа седмица Централниот одбор на ЛДП донесе одлука за самостоен настап на двајцата пратеници од оваа партија, независно од пратеничката група на СДСМ. Сепак, либералдемократите најавија дека тоа не го доведува во прашање опстанокот на коалицијата на власт, односно на коалицијата „Можеме“, што СДСМ ја формираше пред парламентарните избори минатата година.
Од друга страна, Претседателот на ЛДП, Горан Милевски, кој е министер во Владата, изјави вчера дека оваа партија би сакала да настапи самостојно на локалните листи, без да прецизира дали тоа би значело само со свои кандидати за градоначалници или и со посебни советнички листи.
„Коалицијата е стабилна, Владата има политичка стабилност, посветени сме на реформите. Не е сериозно на секои 100 дена да правиме избори, така не оди во демократскиот свет. На редовните избори ако победи опозицијата легитимно е правото да бараат предвремени, во спротивно нема место за такво нешто. Сите опции се отворени, размислуваме како ЛДП и за самостоен настап бидејќи е најлогично на локалните избори да се оди самостојно, во следните две недели ќе решиме како ќе настапиме, па навреме ќе ја информираме јавност“,
изјави Милевски во гостување на ТВ 24.
Можност за самостоен изборен настап или за коалицирање со друга партија од албанскиот блок, на локалните избори, најавува и Беса, чии четворица пратеници, уште пред неколку месеци, исто така се одделија од пратеничката група на СДСМ, ама останаа дел од мнозинството. Паралелно, Беса најавува и проширување на собраниското мнозинство со најмалку двајца пратеници од опозициските редови.
„Коалицијата со СДСМ беше предизборна. За локални не сме зборувале. Нема да одиме заедно на локални избори. Ние сме спреми да се натпреваруваме сами на локални избори. Не ни треба СДСМ. Со ВМРО никако не би коалицирале. Ќе разгледаме опции со некоја од албанските партии да коалицираме“,
изјави лидерот на Беса, Билал Касами, во гостување на ТВ21.
Беса настапуваше самостојно на последните локални избори во 2017 година, што го чинеше Села и пратеничко место. Тој поднесе оставка во Собранието за да се кандидира за градоначалник на Тетово, но во вториот круг изгуби од Теута Арифи од ДУИ, која имаше поддршка и од СДСМ, откако Али Ахмети и Зоран Заев тогаш ја договорија првата „мешана коалиција“, на партии од македонскиот и од албанскиот политички камп.
На ланските избори за пратеници, на СДСМ и на ДУИ им се разделија патиштата, но со влегувањето на Касами во партнерство со Заев продолжи традицијата на етнички мешани коалиции.
ЛДП, пак, последниот самостоен изборен настап го имаше на предвремените парламентарни избори, кога партијата водеше кампања наречена „Ни змија ни магаре“, конфронтирајќи се и со ВМРО-ДПМНЕ, но и со СДСМ, чија што коалиција тогаш само што ја напушти. Тој самостоен настап ја чинеше ЛДП вонпарламентарно дејствување во наредните три години, а во меѓувреме и враќање во коалиција со СДСМ.
Од друга страна, здружувањето на СДСМ со ДУИ на локалните избори во 2017 година (со заеднички кандидати, но посебни советнички листи) им овозможи на двете партии освојување на повеќе од две третини од локалната самоуправа во земјата. Наспроти ВМРО-ДПМНЕ, која освои само пет градоначалнички места и Алијансата на Албанците (три), СДСМ и ДУИ се уште ги „контролираат“ сите општини во Скопје, додека битката за главниот град ја добија уште во првиот круг, и покрај тоа што Петре Шилегов имаше дури шест противкандидати.