Лидерот на Беса најавува дека и двајца пратеници од опозиција ќе преминат во редовите на парламентарното мнозинство
За заеднички настап на локалните избори не сме разговарале со СДСМ, рече лидерот на Беса, Биљал Касами, во вечерашната дебата на ТВ21.
„Коалицијата со СДСМ беше предизборна. За локални не сме збореле. Нема да одиме заедно на локални избори. Ние сме спреми да се натпреваруваме сами на локални избори. Не ни треба СДСМ. Со ВМРО-ДПМНЕ никако не би коалицирале. Ќе разгледаме опции со некоја од албанските партии да коалицираме“,
рече Касами.
Тој најави дека, наскоро двајца пратеници од опозицијата ќе се приклучат кон парламентарното мнозинство, односно дека ќе преминат во неговата партија.
„Да, веќе сме во завршни преговори. Политиката е како шах. За брзо време ќе објавиме кои се тие пратеници, досега двајца пратеници ќе преминат во редовите на Беса. Нема да кажам сега кои се, затоа што не е конкретно. Но, еве ќе ветам дека ќе излеземе заедно на прес-конференција со минимум двајца пратеници кои од опозицијата преминуваат во парламентарното мнозинство“,
рече Касами.
Тој вели дека сите што се дел од Алтернатива имаат отворена врата во Беса.
„Еве, дозволете уште еднаш, кажувам отворено, сите што се дел од Алтернатива имаат отворена врата во Беса. Сме пратиле луѓе да комуницираат со членови на Алтернатива. Има заинтересирани да ни се приклучат и други членови, односно да се вратат во Беса“,
додава Касами.