Двајцата пратеници на ЛДП во иднина ќе настапуваат самостојно, затоа што не можат да формираат посебна пратеничка група
Пратеничката група на главната владејачка партија СДСМ наскоро ќе брои 40 члена, наместо 46, како што го почна овој мандат во Собранието, откако и ЛДП реши да ги одвои своите двајца пратеници кои во наредниот период ќе дејствуваат самостојно.
Сепак, како што велат и од СДСМ и од ЛДП, тоа не го доведува во прашање парламентарното мнозинство, затоа што либералдемократите остануваат дел од коалицијата „Можеме“.
На неколку месеци пред локалните избори и во период кога опозицијата ја форсира темата за наводни разговори за ново парламентарно мнозинство, Централниот одбор на ЛДП донесе одлука пратениците Моника Зајкова и Боби Мојсоски самостојно да продолжат да дејствуваат во Собранието.
Сепак, од ЛДП велат дека одлуката е донесена уште пред седум месеци (што би значело по парламентарните избори на 15 јули 2020 н.з,), но поради објективни причини не можела да се реализира досега.
„Како партија, донесовме одлука уште пред седум месеци за самостојно дејствување во македонскиот парламент, заради подобро претставување на либералните вредности и поголем простор на дејствување од страна на нашите пратеници. Тоа за нас претставува демократски потег и не е поврзано со дневно-политички теми. Оставивме доволно простор за имплементација на оваа одлука. ЛДП како и нејзините пратеници и понатаму ќе продолжат да ја поддржуваат Владата, а тоа ќе се потврди и со гласањето на доверба на министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ“,
се наведува во соопштението од ЛДП.
Уште пред неколку месеци од пратеничката група на СДСМ излегоа четворицата пратеници на Беса, откако двете партии настапуваа заедно на парламентарните избори. Сега Беса нема формална пратеничка група, затоа што, според собранискиот Деловник, за тоа е потребно да има најмалку пет пратеници.
Останува да се види дали ЛДП и евентуално Беса ќе настапуваат заедно со СДСМ и на локалните избори наесен или евентуално ќе одат самостојно.
По одлуката на ЛДП, чиј лидер Горан Милевски е министер за локална самоуправа во Владата, од СДСМ велат дека парламентарното мнозинство и владината коалиција се стабилни и продолжуваат со реализација на владината програма.
„Мнозинството во Собранието и коалиција во Владата се стабилни, посветени на реализација на утврдените цели и програми, во интерес на граѓаните. ЛДП има право самостојно да одлучува за својот партиски пристап кон јавноста, но тоа никако не влијае во односите на коалицијата и активностите што се пред нас.Постојаното пласирање лажни вести се само за внатрешна употреба во ВМРО-ДПМНЕ“,
велат од СДСМ.