Во вакви околности, кога опозицијата тврди дека може да формира мнозинство, а власта тврди дека тоа апсолутно не е возможно, ваквиот исчекор од страна на ЛДП е апсолутно испраќање јасна порака која е повредување на коалицискиот или заедничкиот настап, рече Заев
Одлуката на ЛДП да ги одвои своите двајца пратеници од пратеничката група на СДСМ и да дејствуваат самостојно во Собранието е легитимна, но моментот за таквата објава не е соодветен, пред сѐ поради тврдењата на опозицијата дека власта нема стабилно парламентарно мнозинство, смета премиерот Зоран Заев.
„Мислам дека одлуката е донесена во текот на формирањето на владината коалиција, ние сме традиционално парламентарна коалиција, и постојано чекаат кога е соодветен момент за да може да имаат самостоен настап. Одговорот е за да имаат поголема видливост затоа што помалите партии наводно биле претопени во големите партии и јас го разбирам тоа, тоа е право на секој пратеник од коалицијата. Ама дека не е соодветно времето сега, не е соодветно времето. Во вакви околности, кога опозицијата тврди дека може да формира мнозинство, а власта тврди дека тоа апсолутно не е возможно, ваквиот исчекор од страна на ЛДП апсолутно е испраќање јасна порака која е повредување на коалицискиот или заедничкиот настап“,
истакна Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Таквата одлука на ЛПД, нагласува тој, дава причини новинарите и медиумите, како и народот да се запрашаат – колку и која е вистината за тоа парламентарното мнозинство.
„Јас тврдам дека имаме одлична соработка. Јас тврдам дека воопшто не е потребно тоа токму сега да го направат, можеле да се почека 15 дена, еден месец, кога ваквата актуелност на темата ќе помине, но сепак ЛДП е друга политичка партија – тие си имаат свои органи и тела на одлучување како одлучиле или не. Јас синоќа искомуницирав преку генералниот секретар на СДСМ дека ова го сметам за удар врз СДСМ. Зошто? Заради тоа што не е вистински временски одмерено тоа да се случи, инаку целосно е нивно право и тоа го почитувам. Нема што, сепак одлучија така да постапат, респект, почит за секој посебен политички субјект, но дефинитивно е еве причина денеска јас да одговарам на прашањата зошто е ова вака, дали е точно, дали парламентарното мнозинство постои или не. Јас верувам дека постои парламентарното мнозинство и дека во многу брзо време ќе го докажеме, ако не и повеќе од тоа што го имаме, односно повеќе од 62“,
изјави Заев.
Либерално-демократската партија соопшти дека донела одлука за самостојно дејствување на своите пратеници Моника Зајкова и Боби Мојсоски. Оваа одлука била донесена на седница на Централниот одбор на партијата уште од август 2020 година, но не била реализирана од, како што велат, објективни причини.
Сепак, како што велат и од СДСМ и од ЛДП, тоа не го доведува во прашање парламентарното мнозинство, затоа што либералдемократите остануваат дел од коалицијата „Можеме“.
Уште пред неколку месеци од пратеничката група на СДСМ излегоа четворицата пратеници на Беса, откако двете партии настапуваа заедно на парламентарните избори. Сега Беса нема формална пратеничка група, затоа што, според собранискиот Деловник, за тоа е потребно да има најмалку пет пратеници.