Директорот на ЦЈЗ-Скопје вели дека пратениците не се ризична група и дека таму се обезбедени услови за заштита од ширење на ковид-19. Сепак, во овие три месеци, имаше неколку случаи на заразени пратеници
Ќе биде направена епидемиолошка анкета на пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ, која вчера на својот фејсбук-профил објави дека е позитивна на ковид-19, најавува директорот на Центарот за јавно здравје, Александар Стојанов.
Во изјава за МИА, тој вели дека ќе се провери дали Петровска имала ризичен контакт, можеби не токму во Собранието, туку дома или на некое друго место.
„Штом се регистрира позитивен случај во приватна или во државна лабораторија, резултатите доаѓаат во Институтот за јавно здравје, кој ги дистрибуира до центрите за јавно здравје. Значи, штом ги добиеме името, презимето, телефонскиот број, матичниот лекар, епидемиологот ѝ се јавува на Петровска и ја анкетира, а таа ни ги кажува контактите“,
објаснува Стојанов.
Тој посочува дека на сите седници се држи растојание и се носи маска, што значи минимална е можноста да се заразиле пратеници.
„Тие не се ризичните групи. Има високоризични, средно и нискоризични групи. Средно и високоризичните веднаш ги ставаме во изолација, тука нема услови за тоа“,
вели Стојанов.
До пред некој ден собранискиот кворум беше загрозен поради отсуството на двајца пратеници од мнозинството кои беа заразени со ковид-19. Покрај нив, позитивна на ковид-19 беше и пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
Старо-новиот претседател на Собранието, Талат Џафери, претседаваше со конститутивната седница на овој собраниски состав (на почетокот на август), само неколку дена откако излезе од Инфективната клиника, иако кај него не беше потврдено присуство на ковид-19.
Набрзо по изборите дека е позитивен на ковид-19 објави новоизбраниот пратеник на ДУИ и поранешен министер за образование Арбер Адеми. Хоспитализиран на Инфективната клиника беше и поранешниот директор на Центарот за јавно здравје-Скопје, Арбен Зибери, кој, како нов пратеник на ДУИ, гласаше во посебна кабина при изборот на новата влада.
По одредено пролонгирање, за што причина беше токму несигурниот кворум, Собранието вчера ги донесе измените во Законот за заштита од заразни болести, кои предвидуваат поригорозни мерки за заштита од ковид-19.
Денеска, пак, почнува расправата за ребалансот на Буџетот за 2020 година, чија примарна цел е да се пренаменат средства за четвртиот пакет мерки за надминување на економските последици од корона-кризата.
Иако имаше најави за онлајн-функционирање на Собранието, по примерот на други европски земји, засега нема консензус меѓу пратеничките групи ниту за комбиниран начин на работа, така што онлајн би се вклучувале на седниците само пратеници кои се во изолација.