Во пожарот нема повредени лица, ниту, пак, се зафатени куќи од населбата кон која се ширеше пожарот

Пожарот што вчера попладне избувна на патот кон градските гробишна во месноста Плуждино кај Штип е локализиран, информираат утрово од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Во интервенцијата на пожарот, велат од ДЗС, не биле користени авиони бидејќи немало услови за тоа.
Во гаснењето на пожарот, како што велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), биле вклучени 20 пожарникари од штипската Територијална противпожарна единица кои интервенирале со четири возила, 10 доброволци со четири возила од Противпожарното друштво – Штип, а помош имале и од шест пожарникари со две возила од Кочани и од една екипа од Свети Николе.
Брзата интервенција на пожарникарите го запре пожарот кој се доближуваше до првите куќи во штипската населба Кадидаре, а кој поради ветерот брзо се ширеше кон ридовите Клисебаир и Кумлак.
Синоќа, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, рече дека нема простор за паника, бидејќи на терен беа мобилизирани сите институции и доброволци.
Во пожарот нема повредени лица, ниту, пак, се зафатени куќи од населбата кон која се ширеше пожарот.
„Заради силниот ветер и непристапниот терен пожарот зафати одредени ридови, коишто се веднаш до неколку населби во Штип. Веднаш екипите на ТППЕ заедно со членовите на Доброволното Противпожарно друштво излегоа на терен со целокупаната логистика, ресурси, механизација на Јавните претпријатија за да го локализираат овој пожар, кој заради непристаноста на теренот се шири“,
рече Јорданов.
Зоран Младеновски, пожарникар доброволец од ДПД – Штип, рече дека пожарот е под контрола и оти се прават контроли за да не се распламти повторно.
На терен беа 12 доброволци пожарникари со теренски возила.
Според првичните информации, пожарот најверојатно бил предизвикан од удар на гром, при што била зафатена сува трева.
