Жртви нема, а повредениот пожарникар е пренесен на клиника
Пожарот што попладнево избувна во објект кај местото „Рампа“ во Кисела Вода е локализиран, објави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Пожарот, како што вели Ѓорѓиевски, бил ставен под контрола во рекордно време, благодарение на брзата, храбра и професионална интервенција на Противпожарната бригада на Град Скопје.
„Со тоа беше спречено негово проширување кон околните објекти и избегната е поголема трагедија. Фала Му на Бога, жртви нема. За жал, еден пожарникар е повреден при интервенцијата и веднаш е пренесен на клиника. Му посакувам брзо закрепнување и изразувам огромна благодарност за неговата пожртвуваност“,
вели Ѓорѓиевски.

Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) претходно информираа дека е запален магацин или друг простор кај бараките во близина на Пазарната инспекција.
„Од запалениот објект се слушаа пукотници, најверојатно од електрична енергија. Црниот чад се гледа од далеку“,
кажа директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
При гаснењето на пожарот интервенираа повеќе екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје.
