Двојно се зголемени повиците за оставка на Кризниот штаб во Србија поради неуспешно справување со корона-заразата и наводите за лажно претставување на бројот на заразени. Од првичните 350, сега 720 лекари и медицински експерти се потпишале на иницијативата „Обединети против ковид“.
Потписниците на иницијативата бараат на јавноста да ѝ се објасни надлежноста за базата на податоци за порталот „Ковид“ и да се организира постапка со која со сигурност ќе се утврди бројот на заразени, болни и починати лица од ковид-19, како кај општата популација, така и меѓу здравствените работници.
Дополнително, се бара и независна истрага ако се утврди дека податоците биле намерно сокривани, а за одговорните кои свесно и намерно учествувале се бара професионална и друга одговорност, како и одговорност од Кризниот штаб за предизвиканата штета.
Министерот за здравство Златибор Лончар повиците на лекарите ги оцени како политички мотивирани, а според него имало потпишани и луѓе кои никогаш не работеле во здравството или воопшто и не живеат во Србија.
Во неколку наврати српските медиуми пишуваа дека бројот на заразени кои го објавуваат здравствените власти во Србија е неточен , туку станува збор за речиси двојно повеќе заболени. Власта се правдаше дека има несовпаѓања затоа што некои луѓе се тестирале по три пати на ден или се броеле како позитивни а чекале да добијат резултат од ПЦР-тестот.